Водата од водоводите во охридските села постојано со променлив квалитет.
Анализите на редовните контроли кои ги спроведува Центарот за јавно здравје покажале дека водата не е дезинфицирана со хлор и има присуство на бактерии, кои се штетни по здравјето на населението.
Со ваков проблем изминативе неколку години се соочуваат селата Вапила, Сирула, Ливоишта, Куратица, Завој, Опеница , Косел, но и дел од селата во Дебарца и струшко.
Агенцијата за храна и ветеринарство во неколку наврати воведе решение за забрана за употреба на водата од водоводите во повеќето села .
-„ Имаме континуирана ситуација да имаме недостаток на дезинфекционо средство во дел на селските средини. Последно беа во Коселскиот регион во таа област но и во дел на селата во општина Дебарца. Тоа е состојба која е наназад години и постојано ја алармираме и кажуваме дека е недозволиво“, вели Сашо Точков директор на Центар за јавно здравје Охрид.
Променливиот квалитет на водата во селските водоводи, во која неретко се среќаваат и опасни бактерии може да биде штетно по здравјето на населението, кое и покрај забраната ја употребува.
-„Имаме селски средини каде што е забрането од инспекциските служби водата да се користи заради микробиолошки загадувања но сепак луѓето ја конзумираат со изговор дека тие се постојано тука па се отпорни. Значи нема отпорност на бактерии“, додава Точков.
Месните заедници во селата се сиромашни, често немаат доволно финансиски средства за хлорирање, но не сакаат да ги отстапат водоводите на МЈП Проаква, бидејќи не сакаат да плаќаат сметки за вода. Решение треба да најде локалната самоуправа.
Новинар Соња Рилковска