Втора препорака Охрид да се стави на листата светско наследство во опасност.
Центарот за светско наследство на UNESCO го објави извештајот на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година.
-По втор пат, како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, експертите со јасна и гласна препорака: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност! Овојпат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од настарите езера на планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата“, пишуваат Охрид ЅОЅ.
За овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа, обвинуваат од Охрид ЅОЅ.
-Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно ги прозреа. Затоа, „мисијата заклучува дека активностите зададени во 2017 не се исполнети како би се надминале ранливоста и заканите кои беа идентификувани, постепената ерозија на атрибутите не беше сопрена, се појавуваат нови проекти и планови кои го загрозуваат доброто и дојдовме до сознанија за нови закани. Евидентно е дека, како резулат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, доброто е со висок степен на ранливост. Сето тоа доведе до нессодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност (ИУВ). Со тоа, доброто (Светското наследство на Охридскиот Регион) ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност.“, стои во известувањето од иницијативата Охрид ЅОЅ.
Пред две години од Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но наместо тоа на терен само ги манифестираа(т) своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење, обвинуваат од Охрид ЅОЅ.
-Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет… Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции. Центарот за светско наследство констатира дека „постоечките и планирани модификации и урбанизацијата ја интензивираат и онака ранливата состојба (на регионот) кон точката од кадешто нема враќање“. Во наредниот период ќе објавуваме извадоци од извештајот преведени на македонски јазик и новите препораки од стручниот извештај на Реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство / IUCN / Icomos International Scientific Committee on 20th Century Heritage
(Извештајот се наоѓа на врската подолу, во делот Mission reports – 2020 Report of the joint World Heritage Centre/ICOMOS/IUCN Reactive Monitoring mission to the Natural and Cultural Heritage of the Ohrid Region (North Macedonia/Albania), 27-31 January 2020)
