За еден месец Унеско ќе одлучува за статусот на Охрид. Дали градот ќе се најде на листата светско културно и природно богатство во опасност?
Се очекува на 27 јануари во Охрид да дојде мониторинг мисија од експертската група на УНЕСКО. Тие ќе контролираат колку е реализирано и што направила државата.
Во Баку беа констатирани одредени намери да се сработи по препораките, но останаа главните забелешки дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Од државата беше побарано воспоставување целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување. Потоа беше побарано да се направи список на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.
Тоа резултираше со прогласен шестмесечен мораториум на градење, со акцент оти ќе биде во сила до донесувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион со Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина за периодот 2019 – 2028 година.
Планот е пред фаза на донесување, но се најде на нишан кај еколозите, експертите кои предупредија дека таков стратегиски документ не треба да се донесува во отсуство на соодветни законски решенија за Охридско Езеро, без студија за Студенчишкото Блато, за управувањето со Националниот парк „Галичица“, со сливното подрачје на Охридското Езеро… Државните органи со одговор дека доколку се чека на спроведување на сите потребни процедури, а потоа се донесе план, Охридското Езеро никогаш нема да добие соодветна и неопходна заштита.
Останува да видиме што ќе одлучи Унеско во февруари.
