За прв пат во општина Дебрца се реализираат повеќе мерки за финансиска поддршка насочени кон локалната економија, младите и семејствата, информира градоначалникот Златко Сиљаноски.
Исплатени субвенции за локални продавници
Во рамки на новата мерка, веќе се исплатени субвенции за правни лица кои вршат трговија на мало (продавници), за периодот јануари, февруари и март. Исплатата е реализирана за сите кои досега доставиле барања, а јавниот повик останува отворен до крајот на годината.
Поддршка за млади – субвенции за возачка дозвола
Општината за прв пат доделува и субвенции за полагање на возачка дозвола Б категорија за млади до 21 година, жители на Дебрца, во износ од по 20.000 денари. Мерката има за цел да ја зголеми мобилноста и независноста на младите.
Финансиска помош за склучување брак
Воведена е и еднократна финансиска поддршка за склучување брак, во висина од 30.000 денари, за парови каде еден од сопружниците нема наполнето 30 години до денот на венчавање. Со оваа мерка се поттикнува формирањето млади семејства и останувањето во општината.
Повиците отворени до крајот на годината
Од општината информираат дека сите повици за овие мерки ќе бидат отворени до крајот на годината, а локалната самоуправа најавува продолжување со политики кои носат директни придобивки за граѓаните.
