Засилени инспекциски контроли во екот на сезона во туристичките центри.
Инспекторите заедно со полициските службеници овој продолжен викенд во три смени вршат контроли во угостителските објекти. Од увидите велат, констатирале дека сватовите на свадбите се дисциплинирани и ги почитуваат препораките. Нема прекршување на протоколите и на забавите во угостителските објекти
Само еден угостител од Струга овој месец заработи казна за непочитување на работното време.
-„Можам да речам дека не се констатирани прекршоци по ковид мерките. Имаме правено контроли каде се организираат свадби и други евенти, но со овие олабавени мерки сега немаме констатирано прекршоци“, вели Шпендим Илјази раководител на Пазарниот инспекторат Струга.
Полицијата во екот на туристичката сезона појачана со колеги од други градови, деноноќно е на локациите каде има зголемен број посетители.
-„Во текот на летната сезона има припомош од полициски службеници од другите полициски станици така е и ова лето. Целта е да бидеме што е можно повеќе присутни и да се зголеми безбедноста на целото подрачје“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Полицијата ќе врши и засилени контроли во сообраќајот. Најголемиот хаос деновиве е во централното градсно јадро, но и кон плажите.
Најчестите поплаки од граѓаните до инспекциските служби се однесуваат на гласна музика. Деновиве инспекторите ќе ги контролираат и работодавачи кои вршат дејност на отворен простор во неповолни микроклиматски услови зафатени од топлотниот бран. За оние кои не ја почитуваат – забраната за работа во периодот од 11 до 17 часот, предвидени се санкции од 500-4000 евра.
Овие денови во главниот туристички центар во земјава се бара место повеќе. Речиси целосно се исполнети капацитетите на хотелското и приватното сместување.
Новинар Соња Рилковска
