Здружението на пчелари Охрид денес одбележува 50 години постоење. Тоа е едно од најстарите здруженија во земјава. Овој значаен јубилеј ќе се одбележи со низа свечености. Ќе се одржи и предавање за значењето на пчелите за опстанокот на екосистемот во светот.
Пчеларството е единствената гранка во земјоделството која последниве години бележи подем, за разлика од сите останати гранки каде се забалежува намалување.
– „Имам обраќање јас, како претседател на здружението со кратка ретроспектива на сите настани кои ги одбележаа изминативе пет децении постоење. Имаме обраќање на заменик градоначалникот, потоа рецитал на учениците од ОУ Григор Прличев и поздрав до наставниот кадар кој секогаш е расположен за соработка. Ќе имаме кратко предавање од професорот Ицо Китанчев за есенцијалниот дел на пчелата како единка во еко системот. Ќе доделиме и благодарници и пофалници за заслужните членови и соработници“, вели Наум Трпчески претседател на Здружението на пчелари Охрид.
Еден од поголемите предизвици денес на пчеларите е лажниот, фалсификуван мед со кој се преплавени пазарите.
– „Мој апел е пчеларите да ги декларираат своите пчелни производи бидејќи тоа е еден вид лична карта на нивниот пчеларник и за нив. Апел до потрошувачите да купуваат од локалните производители со тоа го поддржуваат локалната економија. Апел до инспекцијата Агенција за храна и ветеринарство, пазарната инспекција да прават позачестени конторли особено на пазарите. И да има многу повисоки казни особено онаму каде има репетиција, бидејќи на некои трговци им е поисплатливо да ја платат казната отколку да се откажат од продажбата на лажен мед“, вели Трпчески.
Денес Здружението на пчелари Охрид брои 60 тина активни членови, на територијата Охрид и Дебрца има околу 300 пчелари кои или од хоби или професионално се занимаваат со пчеларство. Позитивно е тоа што во Здружението последниве години забележителен е интересот кај младите кои сакаат да се едуцираат за пчеларство.
Новинар Соња Рилковска