„Златниот венец“ за Анеке Брасинга – поетски портрет во Света Софија

Во црквата „Света Софија“ во Охрид синоќа се одржа традиционалното поетско претставување на лауреатот на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата — „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга.

На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Пригодно обраќање имаше Бас Квакман, долгогодишен директор на меѓународниот поетски фестивал во Ротердам, кој Брасинга ја нарече „јазична волшебничка на холандската поезија“, нагласувајќи дека признанието „Златен венец“ ја вбројува меѓу најзначајните светски поетски имиња.

Квакман истакна дека поетскиот свет на Брасинга се одликува со длабока јазична слоевитост, оригиналност и силна интертекстуалност, а нејзиното творештво претставува постојан дијалог со различни книжевни традиции и јазици.

Во своето обраќање, Анеке Брасинга говореше за моќта на поезијата како простор на слобода, разбирање и духовно поврзување меѓу луѓето.

„Може ли поезијата да нè спаси од хаосот и ужасите на војната? Таа ни овозможува да издржиме и да опстоиме“, истакна Брасинга, додавајќи дека за неа пишувањето поезија значи живот и начин да се остане слободен.

Годинава, холандската поетеса е добитничка на „Златен венец“ на 65-тите Струшки вечери на поезијата — едно од најпрестижните светски признанија во областа на поезијата.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани