Струшко Подгорци станува рурална туристичка дестинација. Преку уникатна автентична авантура на Јабланица јавање коњи, стрелање, подготовка локална храна, палење логорски оган, берење чаеви и шумско овошје, туристичкиот работник Шабан Адемоски на својот ранч над селото ја презентира земјава пред странските гости.

Туристите се запознаваат со културата, традицијата и мултиетничноста, начинот на живот во областа на Дримколскиот регион.

-„Пред се се’ е природно овде имам градина сами си собираат салата, Ги организирам сите.Се качуваме на коњите, си шетаме низ голината. Таа авантура ја нема никаде во светот. Интересно е што нигде нема слично и тоа е целата работа што туристите се задоволни“, вели Шабан Адемоски жител на Подгорци.
Најчестите гости се од Холандија, Словенија, Белгија, Италија и Малезија.Им се нудат прошетки во живописната природа на 2000 метри надморска височина и посета на Подгоречкото езеро, кое е најголемо на Јабланица.

-„Кога ќе дојдат овде ако треба два часа да сме, остануваме пет. Дури остануваме и навечер на логарски оган надвор на скарата, си фаќаат риби заедно правиме храна. Имам салата имам се природно имам сирење од козите“, вели Адемоски.
Адемоски е неуморен човек, полн со енергија и голем родољуб. Секојдневно е во природата, друштво му прават неговите кози и јарци. Сака за неговото Подгорци да знае светот.

-„Сакам гостите кога ќе дојдат тука да се чувствуваат како дома. Да уживаат во секој миг и да видат каков уникатен живот и природа имаме“, вели Шабан.
Јабланица е богата со еколошки производи, голем дел од нив може да станат бренд на регионот и да донесат поголем економски бенефит на локалното население.
Погледнете како изгледа ранчот на Адемоски над село Подгорци
Новинар Соња Рилковска

