Во Охрид промовиран лексиконот на странски сликари

Во Научниот и уметнички центар „Куќа на Уранија” – МАНУ, во Охрид се одржа промоција на Лексиконот „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов.

Во Лексиконот на речиси 400 страници претставени се биографиите на 246 странски сликари и 590 фотографии од нивните дела создадени во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Овие ликовни дела: акварели, бакрорези, цртежи, графики, илустрации, се инспирирани од луѓето, градовите, пејзажите, обичаите или од историските настани кои се случиле во Македонија, во втората половина на 19 и првата половина на 20 век, велат авторите.

Академик Љупчо Коцарев оцени дека уметничкото творештво собрано во Лексиконот има непроценлива вредност за иднината на Македонија.

„Оваа книга зборува за уметничкото творештво видено низ очите на странците кои во периодот 1850-1950 година биле на овие простори и сведочат за македонскиот непокор, за творештвото македонско. Затоа јас упорно тврдам дека за иднината на Македонија се потребни две работи и науката и уметноста. Науката за да можеме да имаме подобар економски раст и развој, а уметноста за да не бидеме заборавени“, изјави академик Љупчо Коцарев.

Историчарот на уметноста Милчо Георгиевски, промотор на Лексиконот кажа дека ова е луксузно дело кое го отсликува животот во минатото.

На околу 400 страници на ова луксузно издание се претставени 246 странски сликари со нивните биографии и 590 фотографии од нивните дела, а нејзините корици се порти низ кои можеме влеземе и ѕирнеме какви биле нашите села и градови во минато, какви биле и што правеле луѓето во тоа време и какви се настани им се случувале. Лексиконот е голема збирка на автентични ликовни сведоштва на обични луѓе, уметници, кои секој на свој начин ја доживеале и претставиле земјата и луѓето помеѓу кои, под разни околности поминале одреден дел од нивните животи“, рече Милчо Георгиевски.

Лексиконот на странски сликари кои ја посетиле Македонија во периодот 1850-1950 година“ е резултат на речиси 20 годишното истражување и колекционирање слики на Влатко Милошевски, кој во својата исклучително богата колекција поседува над 250 оригинални слики од повеќе странски сликари.

Таму некаде 2004 година на аукција наидов првин на 3 дела од сликарот Никола Петковиќ, а веднаш потоа и слика од Георг Ханел и тогаш се запрашав како е можно за така кратко време да се најдат две македонски дела на аукции во странство. Тогаш почнав да истражувам по каталози, по архиви на музеите во Лондон, Париз, Вашингтон и водов дека низ светов има многу ликовни дела со македонска тематика во колекции на најпознатите светски галерии. Со оваа книга сите можеме да се гордееме. За Македонците ова е уште еден пример колку малку знаеме за нашата историја и колку многу прекрасни епизоди од нашата историја може да се откриваат“ вели Влатко Милошевски.

Новинарот и фотограф Зоран Андонов кажа дека кон работата на Лексиконот се придружил кога се она што како слики и материјал го собрал Милошевски требало да се преточи во печатено издание.

При подготовката за печатеното издание на материјалот што го собирал Влатко Милошевски, требаше уште еднаш да се проверат сите податоци за овие сликари, посебно внимание обрнавме и многу истражувавме за да дојдеме до што е можно поточни податоци кога овие сликари престојувале во Македонија, зошто дошле тука, каде престојувале, кои места ги посетиле, кои нивни дела овде ги насликале“, вели коавторот Зоран Андонов.

На голем број од овие ликовни дела може да се забележи дека самите автори на нивните слики ќе запишат „Македонија“ како место каде настанала сликата и тоа во период кога Македонија ниту постоела како држава ниту пак со тоа име официјално се означувала нејзината територија. Но и покрај тоа тие странски сликари знаеле каде се и како се викала таа земја каде престојувале.

Лексиконот е напишан на македонски и англиски јазики и е замислен да биде културен промотор на Македонија.

Во рамките на промоцијата на Лексиконот на странски сликари кои ја посетиле Македонија во периодот 1850-1950 година исто така во Научниот и уметнички центар „Куќа на Уранија” – МАНУ, во Охрид изложени се шеесетина оригинални слики настанати во Македонија во споменатиот период од приватната колекција на Влатко Милошевски. Изложбата ќе биде отворена до 5 август.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани