Дуалното образование пат кон полесно вработување

40% од учениците во дуално образование се вработуваат во компаниите каде посетувале практична настава. Во учебната 2023/2024 година во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ Охрид во дуално образование учат 450 од вкупно 820 ученици. Од овој училишен центар веќе излегоа две генарации во дуално образование и тоа техничар за индустриска мехатроника и за производно машинство. Од нив дел се вработени во локални компании.

„Од 10 ученици во дуално образование кои учат преку работа во компанија 4 ученици се вработуваат во истата. Тие со подобар успех го продолжуваат своето образование , некои со стипендии од компаниите кои очекуваат по завршувањето на високото образование да ги примат на работа. Ние имаме соработка во дуално образование со 40 компании и дополнително со компании кои не се вклучени во дуалното образование.“ – вели директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, Сашо Недески.

Дел од учениците од првите две генерации кои завршија во ОЕМУЦ се вработија во ЛТХ Леарница. Оваа компанија е меѓу првите кои се вклучија во дуалниот метод на образование и секоја година бележи подобрување во спроведувањето на оваа образовна политика. Во моментов во компанијата практична настава изведуваат 44 ученици од ОЕМУЦ.

 

„Веќе имаме доста сертифицирани ментори коишто учествуваат и сите се ентузијасти кои работат со децата без проблем. Секоја година доаѓаат се поквалитетни ученици. Нам најчесто ни се потребни мехатроничари и техничари за индустриска мехатроника, индустриско инженерство . Го отценуцам овој метод како позитивен, има голем простор за подобрување во иднина, добра е релацијата и комуникацијата со училиштето и со коморите. “ – вели Наташа Јовческа – директор на ЛТХ Леарница.

Компаниите и нивните потреби од стручен кадар треба да имаат најважна улога при дизајнирање на наставните програми. Угостителството со години се соочува со дефицит на кадар за нормално и одржливо функционирање на туризмот. РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид е подготвен да ги задоволи потребите на пазарот на трудот но неопходна е поголема соработка со рестораните, хотелите, туристичките агенциите за заеднички да се зголеми интересот на младите за работа во овој сектор, вели директорот на ДСУ РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид, Марјан Радески.

„Во последните 3-4 години се воведува дуалното образование и во нашето училиште, во РЦСОО „Ванчо Питошески“ кадешто со помош на МОН се доделуваат и стипендии кои ги мотивираат учениците да се запишуваат поради што имаме зголемен упис последниве две години за 18% во однос на предходните години и се надеваме дека тој тренд ќе продолжи, малку мотивирање со стипендии малку од страна на работодавачите за да се постигне поголем упис на ученици кои ќе бидат потребни на пазарот на трудот.” – вели Марјан Радески.

Општина Охрид дава силна поддршка на процесот на соработка на средните стручни училишта и локалните компании, а со тоа и на дуалното образование. Општината вложува сериозни средства во подобрување на условите во објектите и набавака на потребни средства за изведување на настава и дополнително со компаниите има склучено меморандуми за соработка каде децата ја обавуваат практичната настава, вели Раководителот на Сектор за образование, детска здравствена и социјална заштита, Димитар Спасески

„ За Охрид првенствено е значајно дека економијата се движи напред затоа што компаниите се сериосно заинтересирани за овој процес. Ние во рамки на нашите надлежности трудејќи се на сите овие начини да ги едуцираме нашите млади, да ги поврземе со локалните компании и дополнително да ги испочитуваме желбите и потребите на компаниите е да им овозможиме да си најдат соодветна работа дома. Верувам дека доколку младиот човек ги пронајде своите желби и амбиции,односно се пронајде во професијата дома, тоа ќе му биде прв избор пред да се одлучи за заминување во странство.“ – вели Спасески.

Позитивни искуства од соработката помеѓу средните стручни училишта од Охрид и локалните компании, предлози, сугестии и мислења за тоа како да се унапреди системот на средно стручно образование беа споделени денеска на дијалогот „Учи паметно-работи стручно“,” кој се одржа трета година по ред.

Извор ТВМ

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани