Алармантна состојбата во Преспа. Климатските промени, злоупотребата на водата и лошото менаџирање со подземните води придонесуваат за исчезнување на Преспанското Езеро. Со години водостојот опаѓа. Природниот басен се соочува со сериозна еколошка катастрофа.
Во 2020 година е забележано најголемото опаѓање на нивото на езерото, кое на места изнесува минус 250 до 260 сантиметри. Нивото на водата е намалено за 9 метри, а крајбрежната линија е повлечена за 3,5 км.
Екологистите алармираат потребна е итна реакција од трите држави.
Нашата влада треба сериозно да изреагира до Република Грција и Република Албанија да се направи еден заеднички напор и заеднички чекор, да се зголемат контролите на водните површини околу Преспанското езеро како и за наводнување и подземните води, вели Сашо Кироски археолог од НВО „Енхелеус Лихнид“.
Употребата на пестициди за овоштарниците, допонително придонесува за размножување на алгите, со поради збогатен фосфор и азот, изумира ендемичниот жив свет во Преспанското езеро. Видливоста на водата е намалена од 30 до 70%.
-Болно е кога ќе поминете на потегот од Стење до Коњско и она што пред 20 години тука сте можеле да стигнете само со чамец или со пливање сега можете пешки да го поминете тој брег. Меѓутоа ќе поминете врз неколку милиони мртви школки, кој е токму доказ за повлекување на водата, додава Кироски.
Водата е видно повлечена од плажите во Стење, Отешево, Асамати, Претор, Сливница, Крани и Брајчино. Потребно итно здружување за меѓугранично одржливо и интегрирано управување со водите на Преспанското Езеро.
Новинар Соња Рилковска