Нивото на Охридското Езеро од јули до септември годинава намалено за 12 сантиметри. Во споредба со месец јуни водостојот е намален за 32 сантиметри. Денешната кота изнесува 693,36 м.н.в., или 26 сантиметри до минималната кота, односно еден сантиметар пониско од вчера.
Според Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), нивото на езерото е за десет сантиметри под просекот за август (693,45) м.н.в.
Еколозите со години алармираат за штетите од осцилациите на најголемото природно езеро во земјава.
-Со неконтролираните водостои во нашата држава за оваа година просекот во август и Охридското езеро е пониско. Тоа го сугерира и министерството за животна средина во нивниот годишен извештај каде што треба да се направи национална мрежа за контрола на водите во Р. Македонија, вели Сашо Кироски од невладината Енхелеус Лихнид.
Со намалувањето на Преспанското Езеро се намалува и Охридското, итно е потребна меѓународна мрежа за контролирање на водостоите и на двете природни езера.
-Со законот кој е изгласан во 2019 година со Грција и Албанија, за контрола на искористувањето на водите на Преспанското езеро. Тоа се првите чекори што треба да ги направиме и ја повикувам и локалната самоуправа и министерството за животна средина и владата да застанеме и да ги одбраниме овие природни и културни знаменитости кои се обележја на нашите градови и Македонија, додава Кироски.
Двете природни езера во земјава, во светската наука се познати како топ десет значајни водни басени за опстанок на човештвото.
Новинар Соња Рилковска