Отстранета спомен плочата од објект со историско значење

Со реконструкцијата на објектот со историско значење и препознатлива градба и фасада во Охрид инвеститорот најпрво, отстапувајќи од проектот за реконструкција, ја наруши автентичноста и оригиналноста на градбата а сега ја сруши и мермерната спомен плоча која беше потсетник на историски настан од 1941 година.
Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор.
Министерката за култура Бисера Костадиновска -Стојчевска го осуди отстранувањето на спомен плочата, посочувајќи дека ваквиот начин на третирање на културно заштитеното наследство е казниво дело.

-„Ги повикувам надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи и општина Охрид, како надлежна за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележјата, да постапат во рамки на своите законски надлежности и да ги разјаснат околностите, како и по чија вина е отстранета спомен плочата. Секој треба да биде одговорен, согласно законските обврски, и да придонесе кон почитување на историјата и историските настани. Веднаш ќе постапиме согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја и ќе испратиме инспекција на терен за да се утврди фактичката состојба и примената на законот“, стои во реакцијата на Костадиновска- Стојчевска.

Градежни зафати на оваа зграда со историска вредност сѐ уште траат иако Основното јавно обвинителство Охрид поведе истражна постапка против две осомничени лица а градежната инспекција им поднесе кривична за бесправно градење.
Граѓаните револтирани и згрозени реагираат на ваквото, како што го нарекуваат, самоволие на инвеститорот. Велат дека е недозволиво историското минато на македонскиот народ и неговата антифашистичка борба да бидат заложници на дивоградбите на еден локален моќник.

Според издаденото конзерваторско мислење од НУ Завод и Музеј Охрид куќата требаше да биде препокриена со црвена ќерамида на постојната конструкција, да добие внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната и санирана фасада со зачувување на автентичниот изглед и бела боја.

„За доградените тераси од страна на НУ Завод и Музеј не е издадено позитивно мислење“, велат од Завод и Музеј.

Минатата година овластен градежен инспектор на предметната парцела извршил вонреден надзор и изготвил записник според кој, при увидот на лице место било констатирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид.
Градежниот инспектор донел Решение за отстранување на доградбите, а градилиштето со полициска асистенција го затвори со лента и заштитен знак, но инвеститорот ја отстранил жолтата лента и продолжил со градбата.

Реакција пристигна и од Левица Охрид.

Најзагрижувачки е што надлежните молчат. Молчи и Сојузот на борци, како и коалицијата СДС и ДПМНЕ, за атер на нивниот коалициски партнер ДУИ. #Левица ги повикува надлежните веднаш да излезат на терен и да реагираат, а спомен – плочата да биде повторно поставена на истото место, стои во реакцијата.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани