Во периодот од 4 до 8 април, во охридската Гимназија се одржа мобилност во рамките на Erasmus+ проектот “Let’s change the world with renewable energy” под раководство на професорките Надица Николоска Филипоски и Александра Томоска.
Со активности соодветни на темата влијание на климатските промени врз изворите на обновливи енергии, домаќините, охридските гимназијалци и професори ги запознаа своите соученици и колеги од Полска, Белгија, Турција, Латвија и Словенија не само со убавините туку и со значењето на Охридското езеро и како уникатен екосистем но и како извор на обновлива енергија преку реката Црн Дрим на којашто се наоѓаат две хидроелектрани за производство на електрична енергија.
Во рамките на планираните активности беше посета на ХЕЦ Глобочица каде што учесниците се запознаа со функционирањето и карактеристиките на хидроелектраната и како таа е поврзана и зависи од езерото.
Учесниците го посетија и Хидробиолошкиот Завод каде ги дозбогатија нивните знаењата за езерото и колку климатските промени кои настануваат заради глобалното загадување влијаат врз него на предавање организирано таму.
Се разбира, неизбежна беше и посета на изворите на Охридското езеро во Св. Наум од каде гостите заминаа со преубави впечатоци.
Сите знаења и информации од петдневната посета на нашиот град и училиште, учениците ги сублимираа во едукативни квизови на тема обновливи енергии кои ги изработија тимски, а ќе бидат достапни и на сите ученици и професори, а ќе бидат дел од крајниот производ на проектот.
Гостите заминаа од нашиот град со прекрасни впечатоци од природните убавини, историјата, храната и секако со ветување за уште вакви плодни соработки, информираат од охридската гимназија.