Месец Октомври 2023 година ќе биде запаметен во Кичевскиот крај поради отпочнување на градба на првиот верски објект во село Извор, Кичево “Црква – Успение на Пресвета Богородица” на 28.10.2023 година во близина на изворите на река Треска, за кое од страна на Советот на локална самоуправа и Црковниот одбор на село Извор е закажана прослава за светењето на темелите со почеток во 12:00 часот.
Предвидена е културно уметничка програма со настап на КУД Рацин и уште неколку солисти од Кичево и околните градови, на настан ќе присуствуваат повеќе од 600 посетители, од Кичево, Скопје и други градови од нашата држава.
За верскиот објект е обезбеден инвеститор од Скопје кој ќе донира средства за негова изградба.
ПОКАНАНЕТИ се сите верници, православни христијани, нивните роднини и пријатели да присуствуваат на прославата организирана по тој повод.
Повелете, дојдете, заедно да ја споделиме нашата радост.
Историјат за село Извор
Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, на самиот пат Кичево-Охрид, во изворишното сливно подрачје на реката Треска.
Селото е рамничарско, на надморска височина од 745 метри, од градот Кичево е оддалечено 14 километри. Низ селото минува патот кој ги поврзува селата Попоец, Иванчишта, Ехлоец, Кленоец, Горна и Долна Душегубица со регионалниот пат Кичево – Охрид.
Селото е основано по Втората светска војна, околу некогашната железничка станица на вовчето Киро на пругата Кичево – Охрид. Селото било значајна сообраќајна, железничка и трговска станица за поврзување на Кичево со Дебар, Охрид и Струга, место за забава и социјализација, за одмор и рекреација покрај изворите на река Треска, големите ливади и пасишта, спомен обележјата од НОБ, шумите и ловишта.
Во периодот 1950-1955, селото било седиште на тогашната Општина Извор, во која покрај селото Извор, се наоѓале и селата Горна и Долна Душегубица, Ехлоец, Иванчишта, Кленоец, Малкоец и Попоец.
Во селото работеле Полициска станица, Амбуланта, Пошта, Училиште, Дом…., сточарската задруга „Копачка“ со околу 4.500 овци, откупни станици за билки и волна, неколку бакалници и ресторани.
Во 1961 година, селото броело 163 жители, главно, доселени од околните места, во 1994 година имало 52 жители, во 2002 година, имало 49 жители, а во 2021 година имало само 12 жители.
Сега во селото сеуште работи Полициската станица, како и неколку стопаственици: Рибник Избор, фабрика за вода Бистра роса, неколку сепарации и каменоломи.
Со отпочнување на градба на автопатот Кичево-Охрид, во селото е базата на кинеската Синохидро и надзорното одделение на Градежен институт на Македонија ГИМ.