СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните, информираат од СВР Охрид, после објавата на ЈП Лајка дека во околината на Охрид, на излезот кон Струга, на јавна површина направен ринг за борби на кучиња.
-„Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази (заради наша безбедност моравме да ги цензурираме лицата). Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија).
Што дека низа законски одредби се прекршуваат (види во прилог слики од Законот за заштита и благосостојба на животните), некои имаат “привилегија” да се ставаат над законите, и притоа иако закон прекршуваат да се закануваат на оние што закони почитуваат и важат за чесни и совесни граѓани. Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица ближни на овие ликови.
Локацијата е добро позната и на полицијата, која ако е доследна на заклетвата која ја дала и на она што нејзина должност е, би проделувала на основ и на оваа објава и доказен материјал (да, и сликите се доказ, за оној што на правината и доброста сакаат да им служат), на ова очигледно прекршување на законите и дивеење ширум државава. Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла).
Кутри животинчиња, недолжно измачувани и злоупотребувани заради нечии психички и душевни изместувања. Од овие зла, подлога се создава и за зла учинувани и врз луѓе, тешко таа држава која таа вистина не умее или не сака да ја воочи, информираа вчера од ЈП Лајка.
Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени, стои во соопштението на СВР.
-Во текот на октомври 2023 година, извршен е разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани. Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава. Инаку, во СВР Охрид досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но апелираме до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.