Промоција на книгите „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“

Како дел од програмата на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во Конгресниот центар се одржа промоција на книгите „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго –Димоски, во издание на Општина Охрид.

Во име на Локалната самоуправа, свое обраќање на промоцијата имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

–Како македонист, како охриѓанец и пред се како македонец, чувствувам посебна гордост и голема чест, да говорам за две капитални изданија, кои ја отсликуваат нашата историја, оставаат силен печат на нашето културно наследство и се чувари на нашиот идентитет.

Се радувам што овие две книги и покрај тоа што имаа свои официјални промоции за пошироката читателската публика, зазедоа значајно место и во рамки на програмата на 55–та Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура.

Нашата цел е да ги претставиме пред новата генерација на македонисти, кои ќе продолжат да го шират словото на Македонскиот јазик и македонското неисцрпно литературно творештво.

Големите браќа Кирил и Методиј се симбол за Охрид и Македонија. Нивното име, нивниот животен пат и нивните дела, биле и се уште се вистински предизвик за книжевната наука. Голем број истакнати научни работници, ја истражувале и ја проучувале нивната дејност, со цел да ја одгатнат суштината и да ја покажат вредноста на нивниот значаен опус.

Токму затоа, во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков сакам да упатам срдечна благодарност до професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски, кои со својот труд и посветеност, создадоа книжевно дело кое претставува своевиден паметник за светите браќа и нераскинлива нишка помеѓу сегашноста и минатото.

Ценети присутни, вечерва, овде, ќе зборуваме и за уште едно значајно дело под потписот на професорите Пандев и Димоски, а тоа е книгата „Охридски раскажувачи“. Ова издание е еден ретроспективен приказ на раскажувачката и писателската страст на низа охридски литературни дејци, кои твореле на Македонски јазик.

Во него се поместени написи на Кузман Шапкарев, Живко Чинго, Ванчо Николески, Радослав Петкоски, Иван Точко, Бошко Смаќоски, Ефтим Спространов, Видое Видически и многу други имиња кои биле судбински поврзани со Охрид и охридско, како место на раѓање, образование, работа или домување. Би рекол дека ова дело е збир на она најзначајното и најсуштинското, нешто кое вреди да го прочита секој што сака да ја запознае основата на македонската книжевност.

Локалната самоуправа, со досегашната поддршка на ваквите изданија покажа дека е цврсто определна да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид. Оваа пракса ќе продолжи и во иднина и верувам дека наскоро ќе може да се радуваме на уште некое ново издание, кое ќе го промовираме заедно, истакна Божиноски во своето обраќање.

Social profiles