Измамници лажно се претставуваат како полициски службеници и вршат изнуда на пари од повозрасни граѓани од Охрид.
Со телефонски јавувања за измислена сообраќајна несреќа од страна на членови на нивните семејства во која има жртви или тешко повредени лица, им бараат илјадници евра , со измама дека ќе средат за сторителот да нема затворска казна, ниту судење, ниту дело.
Потресно е сведоштвото на охриѓанката Анета Вршкоска Јованоска, чии родители биле на мета на измамниците. Биле излажани дека сестра и усмртила дете во сообраќајка па за да не оди во затвор треба да платат пари.
После 30 минути малтретирање на моите родители, буквално пиштење, вриштење од страна на мојата мајка, добивање закани. Ги извадиле сите пари, па ги изброиле и кажале колку имаат , па добиле наредба дека не треба никому да кажуваат да ги стават во плико и дека ќе дојде човек за да му ги дадат, раскажува Анета Вршкоска Јованоска ќерка на измамени родители.
Измамниците се повлекле кога во телефонскиот разговор се вклучила ќерката и побарала да се идентификуваат полициските инспектори.
Во моментот кога влегов се уште телефонската линија не беше затворена и мојот татко ми го даде телефонот, ми рече чедо види што сакаат луѓево не можам да се разберам. На моето прашање ве молам да се идентификувате, да го кажете вашиот полициски број и од која станица се јавувате и им кажав дека ова нема така да заврши, ми беше спуштена слушалката, сведочи Јованоска.
Случајот го пријавиле во полиција, од каде дознале дека изминатиов период имало повеќе идентични измами. Од СВР Охрид велат се работи на пронаоѓање на измамниците.
Полицијата апелира до граѓаните, посебно до повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични измами, преку повици добиени од непознати лица и секој таков случај да го пријават на телефонскиот број 112 или во најблиската полициската станица, стои во сооштението на СВР Охрид.
Новинар Соња Рилковска