Седум децении низ охридските сокаци одекнуваат звуците на староградската песна од познатиот ансамбл “Билјана”. Легендарните “Билјана платно белеше”, мелодиите за убавиците Деспина, Фросина, Антица и уште безброј други песни истргани од душата на народот, денес се важен дел од македонската култура и историја, чувар на нашиот идентитет.
Седемдесетгодишнината од формирањето на ансамбалот творец на староградскиот мелос, врзана со државниот празник 8 ми Септември, беше одбележана синоќа со Охридска визита и концерт во предворјето на катедралната Света Софија.
Денес оваа традиција верно ја продолжуваат девет млади и талентирани луѓе.
-Се трудиме да ја зачуваме, да ја воздигнеме, како да кажам да ја наравиме поблиска до публиката оваа песна. Идејата за продолжување на традицијата не натера вака млади луѓе да се собереме и да вежбаме и да направиме нешто што ќе остане за идните генерации како и нашите претходници, вели Јован Поп Стефанија од ансамал „Билјана“ Охрид.
Охридската визита како културен настан, е нераскинлив дел од животот и традицијата на охриѓани
Гледаме да останеме на корените, да се прикаже охридската визита како еден животен настан во тоа време, бдејќи тогаш немало социјални мрежи, јутуб, фејсбук луѓето се наоѓале, се среќавале и разговарале токму на охридската визита како настан.Интересно е што охридската визита како настн е уникана во државата затоа што ние тоа го викаме именден и се прави во чест на одреден член на фамилијата кога сите роднини и пријатели присуствуваат и е еден начин на дружење, додава Поп Стефанија.
На концертот присуствуваше и градоначалникот Кирил Пецаков.
-Ја изразувам мојата голема почит за основоложниците на “Билјана“ за непроценливото музичко богатство што ни го оставија во наследство, но истовремено и исто толкава почит кон сегашниот состав кој ги продолжува и ги негува традициите на староградската песна и нашето препознатливо културно битисување.На ансамблот “Билјана“ од се срце, им посакувам уште многу вакви десетлетни јубилеи, рече Пецаков.
Групата, која ги негувала староградските песни била составена од непрофесионални музичари, кои свиреле како вљубени во музиката. Компонирале и пееле до полноќ, а рано наутро биле на своите работни места.
Староградската песна живее, за тоа е доказ подмладокот на ансамбалот „Билјана“, тие ја продолжуваат мисијата на Охридските трубадури.