Централен регистар на Република Северна Македонија во своето работење секогаш постапува и се води согласно постоечките закони во државата, стои во соопштението на Централен регистра во врска со регистрацијата на здружението Цар Борис III.
Во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.
Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон, велат од Централен регистар.
Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се забранува работата за организацијата. Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица, стои во соопштението на Централен регистар.
Регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ предизвика лавина реакции во јавноста за постоење на уште едно здружение во државата кое носи име на соработник на фашистите. Оваа невладина организација е регистрирана лани во ноемеври со седиште во Охрид, а како сопственици се 7 лица.