Д-р Александар Попоски три децении дел од тимот на струшка нефрологија

Примариус доктор Александар Попоски, специјалист по интерна медицина, супспецијалист нефролог повеќе од дри децении е дел од тимот лекари во Специјализираната болница за Нефрологија во Струга. Последните пет години, како директор на Јавната здравствена установа, Попоски успешно менаџира правејќи ја болницата пример како се создава доверба на релација лекар-пациент. Важи за еден од најпозитивните личности меѓу лекарите и пациентите. Најголема награда за еден лекар, како што вели, е нивната насмевка и благодарност. Успехот во професијата го темели врз позитивна енергија, знаење и искрен пристап. Вели дека довербата во медицината е најдрагоцена а таа се гради низ годините.

„Како и сите лекари, најсреќен сум кога помагам на пациентите. Најмногу ме прават среќен задоволните пациенти. Нашите пациенти се хронично болни а во медицината и еден ден плус живот е добивка. Пациентите тука се задоволни. Најважен е пристапот кон нив. Секој еден во животот има право да се разболи. Некогаш и само насмевка е доволно за некој да се почуствува подобро. Ние тука сме посветени на нашите пациенти а тие тоа го препознаваат. Односите тука и меѓуколегијални и меѓуетнички се одлични и јас се гордеам со мојот тим“, вели примариус д-р Александар Попоски.

Средното образование го завршил во родната Струга, медицински факултет и специјализација во Скопје каде пред три години се стекнал и со титулата супспецијалист по нефрологија. Попски е семеен човек татко на две деца. Тие се неговото најголемо богатство.

Нема достапен опис.
„Мојата ќерка е лекар-стоматолог, синот е на факултет втора година. Најголема награда за мене е што тие се личности со прави вредности. Нема поголема радост од тоа за еден родител“, смета д-р Попоски.

Добрата организација и балансот помеѓу неговиот професионален труд и грижата и максималната посветеност кон семејството е тајната на неговиот успех. Како млад хоби му бил фудбалот а денес вели има време да погледа некоја утакмица но и да прочита некоја добра книга.

„Во младоста како хоби играв фудбал сега гледам Лига на шампиони, европско, светско првенство. Доколку имам време, а искрено немам, сакам да прочитам некоја добра книга“.

Нема достапен опис.
Попоски има 60 години и долгогодишно богато искуство во работата, посета на бројни стручни конгреси, семинари, едукација во поглед на медицината, нефрологија и дијализа. Љубовта кон медицината започнала уште во најрана возраст.

„Како дете, во младоста, првите размислувања во средното образование ја засакав биологијата како наука, исто и хемијата. Неколку пати за жал сум присуствувал на сообраќајни несреќи каде биле екипите на медицинската помош и некако ми се вроди желбата да можам да помагам на луѓето, да ги запишам тие студии и да се посветам на медицината“, раскажува д-р Попоски.

Попоски се надева дека со подобрување на условите за работа младите високо образовани кадри од лекарската фела ќе останат да работат во нашиот здравствен систем.

Нема достапен опис.
„Потребни ни се младите кадри, на коишто и јас учествувам во нивна едукација како лекар кој работи и сега и покрај менаџерската улога, секојдневно сум во контакт со пациентите, ги познавам приликите на дијализата, нефрологијата и се она што треба да го знае еден лекар и раководител на една вака сериозна институција. Треба да се инвестира во младите. Не само финансискиот дел. Знаете дека од пред неколку години состојбата со платите во здравството е подобрена. Потребни се подобри услови за работа. Секој млад човек кој решил да замине надвор не можете да го задржите иако сметам дека и таму не е сјајно. Можеби ќе дојде време и оттаму да се враќаат овде во нашава држава. За оваа болница одливот на стручен кадар не е така екстремен. Не напуштиле неколку медицински сестри, двајца-тројца лаборанти но имаме замена. Генерално докторите остануваат тука.Недостиг имаме со хигиеничари и болничари кои ги ангажираме со договор на дело. Некои работат и по три четири години. Овој проблем треба да го реши државата. Навистина ни се потребни и треба да добијат вработување“, додава тој.

Специјализираната болница за Нефрологија во Струга повеќе од 40 години успешно се справува со пациентите со бубрежни заболувања. Според Попоски болницата има технички и кадровски услови и за трансплантација но потребна е дополнителна едукација на кадарот.

Нема достапен опис.
„Сонот на секоја една нефролошка установа, на установа во која има пациетни на дијализа, хронично болни кои се врзани за апарат најголем дел од нив трипати неделно, е да стане центар за трансплантација. Ги имаме сите услови за нега на трансплантирани пациенти но за трансплантација треба едукација на кадар. Трба помош од Клиника, Министерство за здравство и мислам дека во наредниве години тоа би можело да се оствари и да се зголеми бројот на пациенти од Европа. Тоа е клучот за опстанок на една институција за една соработка, размена на искуства. Работиме на тоа и се надеваме дека еден ден ќе се оствари“, вели Попоски.

Во рамките на болницата има и холидеј дијализа, апартмани на брегот на Охридското Eзеро каде во лето се лекуваат повратниците од странство.

„Сметам дека треба да се инвестира во нова апаратура, треба да се донесат пациенти од надвор. При крај сме со постапките за да се направи централен довод на кислорот, комплетно реновирање на холидеј-дијализа каде што имаме 15 апарати. Тоа во две смени се 30 пациенти во денот, односно 60 пациенти плус можеме да примиме странци. Ќе биде според сите стандарди. Исто така при крај е и тендерската постапка за поставување на фотоволтаици. Рокот е декември 2024 година но се надевам дека до мај делот на холидеј-дијализа ќе биде завршен а со тоа следната година ќе имаме подобри услови за пациентите. Ние и сега имаме пациенти од Германија, Швајцарија, Австрија како и од соседството Србија, Косово, Албанија кои се задоволни“.

Болницата опслужува до 200 000 пациенти од целиот регион, редовно 110 лица се на хемодијализа приклучени на најсовремени апарати. Во болницата месечно се прават и до 500 прегледи. Попоски смета дека ја државата треба да вложува во јавното здравство.

„Ние сме сиромашна држава. Кога побогатите земји, една Словенија, Германија, го штитат јавното здравство ние треба да сме прев нив во поглед на тоа затоа што јавното здравство обезбедува здравје за сите, и за богатите и за сиромашните и за средната класа. Токму поради тоа државата треба да помогне. Знаете дека сите здравствени установи се во долгови, во репрограмирање на долговите, во ослободување од долгови. Имавме кризи, ковид, енергетска, економска, кои во нашата Установа успешно ги поминавме. Ниту еден лек не фалеше и покрај огромниот наплив на пациенти, посебно во време на ковид-пандемијата. Тоа можат да го потврдат и пациентите“, кажува примариус д-р Попоски.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани