Студентскиот дом во Охрид нуди најниски цени за летување.
-„Државниот студентски дом “ Никола Карев” Охрид е изграден во 1964 г. и од тој период работеше како дел од комплексот на хотел “Палас” како депанданс. Од 31.08.1998 год. со одлука ва Владата работи како студентски дом. Бидејќи бројот на студенти од година во година се намалува ние сме принудени во летните месеци да работиме и комерцијално, што ни го дозволува законот за студентски стандард.
Д.С.Д. “Никола Карев” располага со сместувачки капацитет од 86 соби (23 двокреветни, 51 трокреветна и 8 четирикреветни соби), односно 231 легло наменети за сместување на студенти, а во летните месеци јули и август како што реков за комерцијално сместување.
Неодамна со мало финансиско вложување, успеавме колку-толку да го освежиме (тука мислам на замената на обичното осветлување со лед осветлување), инсталиран е WI-FI безжичен интернет во целиот студентски дом, инсталирана е кабелска телевизија, поставени се лед телевизори, но имаме и други планови за во иднина за кои што ќе ни треба и финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, односно од Владата на Република Северна Македонија. Во овој контекст би истакнал дека со одлука на Владата ни се отстапени нафтени деривати од задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати без надомест“, информираат од студентскиот дом Никола Карев.
Цени од 400 денари ноќевање до 910 денари полн пансион во срцето на Охрид.
-„Морам да напоменам дека Владата односно Министерството за финанси и МОН ќе потпишат меморандум за соработка со германската KW дабл банка со која што ќе добиеме средства за целосно реновирање и реконструирање на студентските домови во нашаата држава во делот на енергетска ефикасност, се’ со цел подобрување на условите за сместување на студентите.
Во делот на комерцијалното работење, (да истакнам дека со едно несебично залагање на сите вработени) задоволен сум од досегашното работење и во моментов имаме околу 80% искористеност на сместувачкиот капацитет цените се достапни за сечиј џеб: 400 ден-ноќевање, 600 ден-ноќевање со појадок, 760 ден- полупансион и 910 ден -полнпансион.
И на крај во име на Домот со кој раководам сакам да се заблагодарам на сесрдната помош која ја добивам од пратеничката и претседателката на комисијата за образование и наука во македонскиот парламент г-ѓа Жаклина Лазареска, локалната самоуправа на чело со градоначалникот д-р Константин Георгиевски, МОН, како и на Владата на Република Северна Македонија на чело со премиерот г-нот Зоран Заев“, додаваат од студентскиот дом.