Се надминуваат наследените проблеми поврзани со изградбата на осумтте клучки и алтернативни патишта кои недостасуваа во проектот за изградба на автопатот Охрид Кичево.
Градежните активности ќе се интензивираат во наредниот период, со што би се испочитувал рокот за изградба на автопатот до јуни 2021 година. Нивната изградба ќе значи и изведба на 40 километри дополнителни патишта со кои населените места од Дебарца и Кичево ќе се поврзат со овој автопат. Дополнително, во претстојниот период ќе треба да се ископаат 8 милиони метри кубни земја за да се стабилизираат свлечиштата и усеците.
Сугарески напомена дека со дополнителни материјали за заштита и потпора при ископ ќе се продолжи со изведбата на тунелот „Пресека“, чија должина треба да изнесува 1.990 метри.
Автопатот Кичево – Охрид има должина од 57 километри. Неговата изведба досега чинеше 374 милиони евра. Изградбата на оваа автопатска делница започна кон крајот на февруари 2014 година, со ветување на претходната влада дека ќе биде завршена до јануари 2018 година.
