Здравствените инспектори не нашле пропуст во лекувањето на четирите деца кои со зголемено ниво на шеќер во крвта минатата недела беа хоспитализирани на скопските клиники.
Од четирите деца кои завршија на скопските клиники две беа од Охрид.
По вонредните инспекциски надзори кај матичните лекари на децата, констатирале дека за прв пат им е дијагностициран дијабет по последното влошување на здравствената состојба.
„Од сите записи во електронскиот дневник и во картоните на децата кај матичните доктори како и во историите на болеста во одредените општи болници не се забележани никакви пропусти во однос на постапката на докторите во соодветните институции“, изјави Ирена Бухова, директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
На децата им е подобрена здравствената состојбата, во наредните денови ќе ја напуштат болницата. За седум месеци, на Клиниката за детски болести, новодијагностицирани се 34 деца со зголемено ниво на шеќер во крвта.
„Македонија спаѓа во земјите со ниска инциденца на дијабет, средна, има растечки тренд, но тој тренд е секаде во светот и кај нас е така. Ако претходно имало по 22 или 23 деца, последниве 5 до 10 години има пораст на бројката. Лани имало 35 деца“, изјави Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
Една третина од новодијагностицираните деца со дијабетес тип 1 се примаат во состојба која бара интензивна терапија, велат лекарите. Тие обично имаат симптоми на зголемена потреба од течности и храна, зачестено мокрење, слабеење и стомачни болки. Траат од една до четири недели пред да биде поставена дијагнозата.
