Протестна поворка за заштита на охридското крајбрежје

Охрид ЅОЅ: Мора Мораториум  за единственото Светско наследство на Македонија – тргнуваме од Лагадин за целото УНЕСКО подрачје.

 

По минатогодишниот протест кој се одржа на 2 август пред градилиштето на спорниот хотел во Лагадин, денес , на 31 јули (вторник), во 11.00 часот граѓани и активисти за заштита на охридското крајбрежје повторно ќе се соберат на истото место. Од таму, тие ќе тргнат во протестна поворка за заштита на целото крајбрежје од непланска урбанизација и девастација, и по попатни застанувања кај Горица, Св. Стефан и Студенчишко Блато, ќе пристигнат пред Општина Охрид каде што заедно со граѓаните кои ќе се приклучат од Охрид, со почеток во 12.00 часот ќе одржат протестен перформанс.

Мирниот протест, организиран од Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“ и поддржан од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО поради уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем.
Во одбрана на можеби најважното и највредното обележје на земјата, еден од нејзините најзначајни заштитни знаци, единственото место со УНЕСКО статус, организаторите на овој настан бараат да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО – прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи и додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.
Преку овој протест, граѓаните бараат од Општина Охрид итно да се заложи за прогласување на мораториум според препораката на УНЕСКО, како и да се заложи за поништување на Општиот акт за с. Лагадин најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови и преку известување на Уставниот суд за својата заложба.
Организаторите на овој настан ги повикуваат сите оние кои не се согласуваат со урбаното и еколошко насилие врз охридскиот регион, да дојдат и заедно, преку еден симболичен чин – протестен перформанс – гласно и на повеќе светски јазици да ги повикаат надлежните во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани