Покрај многуте настани и богатата понуда во пресрет на новогодишните празници, еден од најочекуваните настани за охриѓани е секако и големиот концерт на „Камелеон“, како круна на 20-годишнината од постоењето на групата.
За годините наназад, за дружбата во групата, но и за многу други интересни теми, разговараме со тапанарот на групата Филип Стојковски.
.jpg)
OhridNet: Вие сте „најмладиот“ член на групата. Кога и како влеговте во приказната наречена „Камелеон“?
Стојковски: Како официјален и постојан член сум речиси 6 месеци, а претходно имам многу настапи со „Камелеон“, како замена за мојот колега и добар пријател, Зоран Кречо.
OhridNet: Задолжени сте за ритам секцијата во групата. Колку време веќе сте зад тапаните и од каде љубовта токму кон овој инструмент?
Стојковски: Тропам тапани од 10 годишна возраст. Тропањето како занает, а и тапаните на кои тропам ми се наследство од мојот покоен татко, Цветан. Тој беше квалитетен тапанар, заедно со Славе Димитров, Афто, Симон Костовски, Борче Гаврилоски и др.
OhridNet: Кои се музичките идоли на Филип. Што слушате дома, кога сакате да се опуштите?
Стојковски: Слушам најразлична, но квалитетна музика. Пораснат сум со: Deep Purple, Led Zeppelin, Black Sabbath, Pink Floyd, Iron Maiden, Dream Theater и др. Како мој идол би го издвоил, сега поранешен тапанар на Dream Theater, Mike Portnoy.

OhridNet: Членувањето во група често знае да носи со себе и компромиси, различни мислења за правецот во кој треба да се движи музички групата. Како се справувате со различните мислења, кој „победува“ на крај?
Стојковски: Најубавото нешто е постоењето на различни мислења и ставови во однос на компонирањето авторска музика. Сега засега, бидејќи сум најмлад и најтазе член, малку попуштам на постарите ама тоа нема да е за долго. Се шегувам, секако.
OhridNet: Има ли некоја песна која ја свирите со особено задоволство?
Стојковски: Искрено кажано, за мене секоја наша песна има посебна приказна и буди различни чувства во мене. Би рекол дека сите песни ми се омилени.
OhridNet: Каде ја гледате групата после 20 години. Во време на се` повеќе електроника во музиката, кога скоро секој може дома да креира музика на сопствениот компјутер, постоењето на рок група со пет члена е мачно, гломазно и често тешко за одржување. Како ќе се развива групата според вас, во текот на следните 20 години?
Стојковски: Да, постоењето на рок група со 5 члена е тешко во секоја смисла, но затоа пак квалитетот на композициите е неспоредлив со компонирана електронска музика во домашни услови и слично. Во следните 20 години лично очекувам снимање на повеќе нови албуми, концерти, настапи од сериозни размери итн.
OhridNet: Да ги повикаме охриѓани, но и гостите на концертот кој ќе се одржи на 29-ти декември. Што можат да очекуваат посетителите?
Стојковски: Едноставно кажано, можат да очекуваат спектакл, во вистинска смисла на зборот. Нешто што не треба никој да го пропушти.
На сцената на Домот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, во сабота, на 29-ти декември, точно во 19:00 часот е закажан стартот на музичката приказна за 20-те години од постоењето на групата „Камелеон“.
Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески.
Билетите по цена од 250 денари ќе се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, музичката продавница ZZ Top и тезга „Аждер“ во центарот на градот.
