На вонредни локални избори Охрид ќе бира нов градоначалник. По смртта на Јован Стојаноски, кој за жал, само една година и два месеци беше на чело на општината, охриѓани ќе бираат нов татко на градот за неколку месеци.
Вакумот до изборот на нов градски татко, ќе се пополни со избор на в.д. градоначалник од редот на советниците во општината.
Советот на општина Охрид брои 23 члена, од кои 11 се од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од ДУИ. Според овој распоред на сили, очекувано е дека в.д. градоначалникот ќе биде од редовите на владејачката коалиција на централно ниво.
Според најавите, дополнителните избори за нови градоначалници на Охрид и на Дебар, каде исто почина градоначалникот Ружди Љата , ќе се одржат паралелно со редовните претседателски избори напролет. Тогаш треба да се избере и нов градоначалник на општина Ново Село, откако Боро Стојчев од СДСМ поднесе оставка од морални причини откако беше осуден на затвор за обид за шверц на цигари.
Неофицијални извори од власта , најавуваат забрзување на оваа процедура и вонредни локални избори порано.
Стојаноски победи во првиот круг на локалните избори лани во октомври над кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Тилески. Јован Стојаноски (48), беше почитуван и ценет професор на Факултетот за туризам и угостителство.
Тој почина во саботата претпладне,на 15 декември, во возило на Итната медицинска помош, на пат кон Центарот за кардиоваскуларни болести, откако му се слошило на состанок со директорите на општинските јавни претпријатија. Според информациите, причина за смртта е масивен срцев удар.
