Адвокатот Наумоски со низа предлози за подобра животна средина

Охридскиот адвокат Мишел Наумоски со низа предлози за заштита и унапредување на животната средина во Охрид.

 

Заштитата и унапредувањето на животната средина е еден од врвните приоритети, особено за Општина Охрид која покрај со културно, изобилува и со богато природно наследствотво и е главен туристички центар во Р. Македонија.

Управувањето со животната средина ќе се унапредува со зголемување на ингеренциите и одговорноста на локалната власт чија обврска покрај другото е почитување на обврските како град заштитен од УНЕСКО.
Ќе се создаваат услови за долгорочен и перспективен развој на насоките за заштита на животната средина. Тоа ќе се постигне преку остварување на следните програмски определби:

➢ Постојан мониторинг на квалитетот на водите, воздухот и почвата на повеќе мерни места во Општина Охрид, со посебен акцент на присуството на опасни, радиоактивни и канцерогени материи кои претставуваат голема опасност за здравјето на населението.
➢ Изработка на проекти за централно греење и гасификација на домаќинствата и останатите објекти во градот Охрид и приградските населби што ќе има значајно влијание врз редукција на емисиите на одредени загадувачи на воздухот.
➢ Стимулирање на употребата на обновливи извори на енергија со посебен акцент на користењето на сончеви колектори во домаќинствата и јавните објекти.
➢ Изградба на стратегија на локално ниво за заштита на Охридското Езеро како најголем и најзначаен воден ресурс во Р. Македонија.
➢ Доизградба и ставање во функција на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води во границите на ингеренциите на лoкално ниво.
➢ Реконструкција и изградба на нови пречистителни и пумпни станици на колекторкиот систем за заштита на Охридското Езеро.
➢ Транслокација на реката Сатеска по старото корито во реката Црн Дрим, проект кој би се спровел координирано со централната власт.
➢ Кампања за заштита на ендемичната охридска пастрмка како значаен белег на Охрид и постигнување на заеднички договор со општините во Р. Албанија за мораториум на нејзиниот лов. Покривање на Охридското Езеро во целост со рибочуварски тимови, видео надзор на езерото и чистење на ловиштата од заостанати мрежи.
➢ Кампања Охридското Езеро и планината Галичица – бисери на биодиверзитетот во Р. Македонија, без инвазивно антропогено влијание, како форма на алтернативен туризам во Охрид.
➢ Заштита на Студенчишко блато и неговиот биодиверзитет.
➢ Ставање под заштита на Билјанини извори, како едно од најзначајните обележја на град Охрид.
➢ Изградба на канализациона мрежа во сите населени места кои гравитираат покрај реките од сливот на Охридското Езеро, на кој начин би се заштитиле реките од загадување, а истовремено би се заштитил и крајбрежниот регион на Охридското Езеро каде што се вливаат тие реки. Приоритет би имале Велгошка и Коселска Река и спречување на загадувањето на реоните Грашница и Даљан каде што тие се вливаат.
➢ Спроведување на контрола на сите објекти чии комунални отпадни води се вливаат во Охридското Езеро и нивно пренасочување во колекторскиот систем. Во целост да се елиминира влегувањето на отпадна вода во Охридското Езеро.
➢ Респектирање на мислењата на научниот кадар за сите значајни прашања околу заштитата на животната средина.
➢ Изградба на природонаучен музеј во Охрид во кој ќе биде претставен богатиот диверзитет на растетилниот и животинскиот свет како на водниот од Охридското Езеро, така и на сувоземниот особено богато застапен на планината Галичица.
➢ Развој на мрежа на планинарски патеки како форма за развој на планинарскиот туризам во Охрид.
➢ Интегрално управување со цврстиот отпад и отварање на капацитети за негово рециклирање.
➢ Спроведување на програма за расчистување и дислокација на дивите депонии кои се наоѓаат покрај патиштата и реките на сите локации во општина Охрид. Така ќе ја елиминираме непријатната глетка и ќе го зголемиме позитивниот впечаток кај домашните и кај странските туристи.
➢ Навремено подигнување на цврстиот отпад и негово селектирање како во градските така и во приградските и селските населени места.
➢ Навремено и целосно отстранување на нерециклирачкиот отпад од употреба.
➢ Изградба на современа депонија според стандардите на ЕУ и истовремено санација и дислокација на депонијата Буково.
➢ Поставување на законска обвска на сите загадувачи за изградба на пречистителни станици, поставување на филтри и оџаци и санкционирање на непочитувачите на Законот.
➢ Законско регулирање на користењето на хемиски заштитни средства и вештачки ѓубрива и спроведување на кампања за едуцирање на земјоделците околу нивното користење и штетното влијание врз животната средина.
➢ Изработка на општинска програма за управување, заштита и подобрување на квалитетот на воздухот.
➢ Проекти за зголемување на зелените површини во Охрид кои се драстично намалени со неконтролираната урбанизација во последните години што негативно се одразува врз квалитетот на воздухот и микроклимата во нашиот град.
➢ Изградба на современ парк за рекреација на децата кој недостасува во градот, а кој е неопходен за еден туристички центар како што е Охрид.
➢ Пошумување на голините и одржлив развој за заштита на шумите.
➢ Спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
➢ Имплементација на законот за заштита на животните и хумано решавање на проблемот со бездомните животни, како што е во сите земји на ЕУ.
➢ Подигнување на нивото на комуникација, координација и соработка помеѓу сите страни засегнати со заштитата и унапредувањето на животната средина.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани