Ѓорѓи Филипов е првиот кандидат за претседател на огласот на СДСМ

По  девет кандидати за претседател на РМ од ВМРО ДПМНЕ, се пријави првиот кандидат од редовите на СДСМ.

Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов е првиот кандидат за претседател на државата што објави дека ќе се пријави на партискиот оглас на СДСМ, што е отворен до 19 февруари. Се очекува до тој датум до партијата да пристигнат уште кандидатури со оглед на тоа што во јавноста веќе се вртат имињата на неколку можни кандидати, меѓу кои и на вицепремиерите и министри за одбрана и за внатрешни работи Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

Одлуката со кој кандидат ќе влезат во претседателската трка, како што најавија од СДСМ, ќе биде донесена на 3 март на Конгрес.

Кандидатот за претседател на Република Македонија на оглас ќе го бира и ВМРО-ДПМНЕ. На огласот на партијата пристигнале 10 кандидатури од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави деветте имиња на кандидатите од кои на конвенцијаво Струга  на 16 февруари ќе изберат еден кој ќе влезе во трката за шеф на државата. Меѓу нив, се и универзитетската професорка Гордана Силјановска, Пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на 8 јануари ги распиша претседателските избори, за кои првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.  Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани