За прв пат во пресрет на локалните избори во Охрид се организира отворена дебата на тема “Каков градоначалник сакаат Охриѓани?”.
Граѓанските здруженија и политичарите заеднички ќе ги детектираат проблемите и предизвиците на градот.
-„Нашата цел е да ги приближиме граѓаните до политичарите. Да се чуе гласот на обичните граѓани, на граѓанските здруженија. Гласно да проговориме за бројните проблеми кои со години ги тиштат охриѓани. Време е заеднички да ги решаваме проблемите“, вели Вахид Мемед од од Здружението на граѓани „Инклузија“ кои се организатори на оваа дебата.
Според планот на организаторите на дебатата ќе се говори за проблемите во сите сфери туризмот, угостителството, урбанизмот, животната средина, комуналниот развој, концесионерите на плажите проблемот со кучињата, безбедноста, образованието, бизнис и економија.
Од „Инклузија“ ги повикуваат сите граѓани кои може да дадат значителен придонес кон развој на квалитетна дискусија, во рамки на дебатата на која се очекува да присуствуваат бројни чинители од општествениот, политичкиот и граѓанскиот сектор, млади луѓе и граѓани.
Дебатата на која се поканети сите заинтересирани граѓани на Охрид ќе се одржи во сабота на 02/03/2019 година, во 13.00 часот, во големата сала на општина Охрид.
