Секој град, населено место мора да ги следи процесите што се поврзуваат со урбанизацијата на просторот, согласно органичувањата определени со легислативата која пак неизбежно мора да ги следи природните закони пред се детерминирани од одржливиот развој оттаму што тие ја предодредуваат успешноста на каква било човекова интервенција во просторот.
Самоволноста на антропогениот фактор никогаш не смее да биде клучниот фактор во тој процес, дотолку повеќе што праксата неброено пати покажала дека секоја отстапка од нормите резултира со несакани последици што повеќекратно и далекусежно ги надминуваат зацртаните придобивки.

Охрид заедно со езерото и неговата околина го претставуваат нашето најголемо природно богатство кое заедно со културно-историските споменици, токму од тие причини се на листата светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.
Соодветно неговата природна и културна вредност, просторот во градот и околу езерото се и атрактивни за изградба на секаков вид објекти, дали стопански односно капацитети за остварување економска придобивка или едноставно за објекти за приватна употреба односно живеалишта.
Наспроти декларираните заложби за умерен урбанистички развој утврден од барањата, потребите на граѓаните (општествената заедница, не на поединци) и препораките на УНЕСКО, она што денеска му се случува на градот и езерото, кога станува збор за урбанизацијата, во најблаго кажана форма е ништо друго туку полуорганизирано дивјаштво, спроведено под форма на надополнување, надградување и упропастување на плански изграденото во едно друго време. Барем таква е оценката на експертите кои некогаш беа дел од институциите задолжени за плански развој на градот и неговата околина, меѓу кои архитектот Димитар Зарчев, поранешен директор на градежното претпријатие „Трудбеник“, своевремено и претседател на Собранието на Општина Охрид што е пандан на денешната градоначалничка функција.
Зарчев зборувајќи за МИА појаснува дека контролираната урбанизација на градот во современа смисла датира некаде од крајот на 60-те години на минатиот век, кога за првпат официјално беше формиран Завод за урбанизам и архитектура на Охрид, сериозна институција составена од десеттина архитекти и инжинери, која ги постави главните постулати во која насока ќе се развива градот како населено место, субјект што истовремено ќе води сметка за неговата културно-историска вредност. Таа институција подоцна прерасна во Дирекција за урбанистичко и просторно планирање, дополнета со други надворешни профили експерти од најразлични бранши, од економисти, културни дејци, инжинери по шумарство, биолози, интелектуалци од разни профили, со единствена задача да води сметка за развојот на Охридско-преспанскиот регион. Според Зарчев, кој беше дел од таа институција, станува збор за субјект прв и единствен од тој вид во тогашна СР Македонија.
– Ништо не беше оставено на волунтаризам или некаква случајност. Она што е денеска евидентно во развојот на градовите, постои многу политичко влијание. Дури и во тој еднопартиски систем каде години работев како проектант, ниту еднаш немаше случај политиката да се меша во нашите ингеренции. Ние ги баравме политичарите, и тоа само по потреба најчесто кога беа потребни средства, ниту еден политичар не дојде директивно да нареди нешто да се гради. Едноставно, сите работи беа спроведувани на научна основа и согласно стандардите, за кои се водеше и тоа како сметка, рече Зарчев.
Според него, недвосмислено како главна концепција утврдена од експертите била водењето сметка за зачувување на животната средина, односно градот да развива индустрија што нема да загадува.
– Тука морам да нагласам дека не станува збор за современи еколошки принципи какви што денес постојано се нагласуваат, туку од едноставна причина дека тогашната проценка беше оти во еден туристички град не смее да доминираат фабрички оџаци, односно дека индустрискиот развој мора да биде под контрола. Друг фактор за кој вршевме анализи и проценки беше очекуваниот прираст на население во градот, што ќе го следи тој предвиден индустриски развој. Прилив на население имаше, се следеше и тогашната политичка интенција за зајакнување на т.н. работничка, средна класа, но во ниту еден миг урбанистичкиот развој што го предвидувавме не смееше да го доведе во опасност Старото градско јадро на Охрид, со заштита на архитектурата и да не се пореметат постојните сообраќајници во тој дел од градот, рече Зарчев.
Како норматив што пред себе си го поставила институцијата била уредување на сообраќајот во градот, притоа признавајќи дека во тоа време ниту еден од членовите на таа институција не можел да претпостави дека за неколку децении Охрид ќе има толкав број моторни возила.
– Како потреба се наметна изградбата на централна влезна сообраќајница во градот, така што беше проектирана денешната „Туристичка“, што подоцна беше реализирано како проект, во моментот кога дозволуваа економските услови. Концепцијата за развој во таа Дирекција уште во тоа време ја утврди потребата од изградба на аеродромот, проект што уште тогаш беше осмислен како предуслов за туристички развој, истакна Зарчев.
Во тоа време, некаде кон средината на 70-те години на минатиот век, почна и изградбата на повеќе современи сместувачки туристички капацитети. Покрај посточекиот хотел „Палас“ почна изградбата на хотелите „Десарет“, „Метропол“, голем број угостителски објекти, сите градени согласно програма за развој, со предвидувања на максимална исполнетост некаде до 60 отсто на годишно ниво. Зарчев, кој е еден од проектантите на „Метропол“, со резигнација говори за дрскоста и аматеризмот на менаџерскиот тим на хотелот под чија наредба објектот повеќе нема затворен базен, дел од содржините што беа светски стандарди уште во 1975 година, јапонската градина над хотелската тераса единствена од таков вид во овој дел на Европа, па дури и менувањето на бојата на фасадата на хотелската зграда.
– Секој детал во објектот, па дури и столните ламби на хотелските маси, беа дизајнирани специјално, уникатно нарачувани од коминтенти од Словенија исклучиво за хотелот. Бакарните мурали во хотелот, таписериите сите беа изработувани по нарачка. Ова што денеска е „Метропол“ е далеку од оригиналот, забележува Зарчев.
Развојот на туристичките капацитети, неизбежно ја иницираа и потребата од уредување на инфраструктура за третман на отпадни води.
– Потребни беа десет години да ги усогласиме ставовите со тогашната републичка власт, околу обезбедување средства и да ја утврдиме динамиката за израдба на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Тоа беше голем зафат, кој ја исполна првичната замисла. Тоа што сега тој е нефункционален, тоа е поради негрижата за системот, во кој од неговата изградба до денеска не е инвестиран ниту денар за негово одржување, ревитализација, нова технологија, дополнително што и преку него се одлеваат и атмосферски води, нешто што системот не е ниту предвидено ниту може да ги прими, вели Зарчев.
Што се однесува на денешните состојби во кои е истите тие објекти, Зарчев дециден дека се што било изградено во тој период од 20 години, од 68 до некаде 88 година било правено согласно програма, концепт, план и економска оправданост и одржливост.
– Во моментот кога на сцена стапи голото профитерството кое може да диктира, плаќа, подмитува, работите тргнаа наопаку. Архитектите кое се најповикани да го осмислуваат урбанистичкиот развој се исклучени од процесот на одлучување. Почна да се градат објекти без контрола на висина, габарит, на недозволиви места, сведоци сме дека веќе во градот е изменета и микроклимата. Тоа што Охрид се уште не е загаден град, тоа е последица што се уште просторот овозможува некаква циркулација на воздухот, но прашање на време е кога и тоа ќе се смени на полошо, истакна Зарчев.
Според него, изградба на каков било објект мора да има своја оправданост, да има потреба од него, независно дали се работи за болница, градинка, училиште, спортска сала…
– Градот мора да расчисти со тоа што му е потребно. Сега во градот има училишта во кои и нема ученици, некому му текнало да гради мост до плажите, катна гаража во центарот… забележува тој.
Следот на настаните, се она што го преживеа градот и езерото последните неколку децении, отворено го наметнува прашањето дали на градот му е потребна некаква институција слична на порашената Дирекција за просторно и урбанистичко планирање, составена од експерти што во крајна линија ќе го насочуваат идниот урбанистички развој на градот и соодветно на тоа и ќе сносат одговорност.
Како што истакна и самиот Зарчев, неговите забелешки дека не памети пример некое одговорно правно или физичко лице да понесе каква била одговорност за очигледни пропусти или погрешни одлуки што неповолно влијаеле врз градот, околината, средината оставаат отворен простор за појави на самоволие, професионален дилетантизам и идна деградацијата во секоја смисла. На места предвидени за паркиралишта се градат габаритни станбени објекти што зјаат полупразни, наместо дворови и игралишта за деца никнуваат деловни простори од кои исто така половината се под клуч, улиците во Охрид наместо да го насочуваат сообраќајот од и кон езерото, практично го сечат предвидениот логички тек на движењето на возилата и придонесуваат за сообраќаен метеж. Се тампонира милиони години старото езерско крајбрежје, трската се пали, само за да се добие атрактивен простор за градење. Сето тоа последица на отсуството интергриран план за урбанистички развој на градот, детално и стручно осмислен да ги следи промените во средината во сите аспекти – од природниот прираст на населението, преку интенциите за развој на стопанскиот развој на градот, се до предвидувањата за бројот моторни возила што ќе ги има во градот во иднина…
– Интервенцијата во просторот во Охрид и околината мора да се спроведува филигрански. Замислете, во овој момент во тек е изработка на 27-та верзија на Законот за градење, значи секоја година од формирањето на државата. Тоа е безобразие, таксативно да се менуваат урбанистички планови, само за да се деградира просторот преку впишување некакви објекти за да се задоволат нечии лукративни апетити. Се додека на извршни позиции се поставувуват апологетски потписници на туѓи одлуки нема оптимизам за напредок, во било која сфера на општественото живеење, изјавува тој.
Што се однесува на актуелниот оспоруван објект во изградба во населбата Лагадин, Зарчев појаснува дека таа првично проектирана вилска населба наречена „Здравје“ била осмислена во неа да нема објект повисок од приземје и еден кат, а оние од првиот ред до езерото дури и да бидат на приземје без покрив само за да не им го попречуваат погледот на објектите од задните редови. Она што денеска е Лагадин нема никаква допирна точка со предвиденото во тој период, дециден е Зарчев.
И последните измени во легислативата што предвидуваат продолжување на рокот за легализација на дивоградбите во земјата, само го потврдуваат сето кажано погоре. Доколку се легализираат сите дивоградби во земјата, а според некои податоци досега во Македонија се легализирани околу 300 илјади бесправно изградени објекти, простата математика покажува дека ако во еден таков објект живее просечно четиричлено семејство значи оти повеќе од половина од населението во земјата живее во дивоградба.
Отворена навреда за граѓаните се ставовите на партиите по однос урбанизацијата на градот и крајбрежјето, што се дијаметрално спротивставени само зависно од тоа дали се „позиција“ или „опозиција“. Опозицијата без исклучок во тој период од осамостојувањето, секогаш се противи на какво било девастирање, своеволие, се бори против „урбана мафија“ до моментот кога ја преземе контролата врз локалната власт. Тогаш ситуацијата се менува за 180 степени, улогите ротираат, дотогашната власт ја презема опозициската задача, почнува да застапува некакви некакви еколошки принципи, се залага за прогласување мораториуми за забрана на бесправно градење, а за да биде дрскоста комплетна – се користи идентичен вокабулар со веќе видени флоскули, соопштенија, реакции, забелешки. Во таква констелација, најдобро минуваат токму што умеат добро да се испазарат, пред, за време на изборите или пак при формирањето мнозинство во 23-члениот градски Совет кое, според искуствата после сите досега спроведени локални избори било остварено за глас, два повеќе.
Искуствата од поново време, со чесни исклучоци, недвојбено покажуваат дека не можеме да се пофалиме со некакво особено чувство, свест, совест, па и почит кон она што ни го подарила природата или пак за нас го направиле минатите генерации. Во отсуство на доследна легислатива, контрола, кадарност сами да ја најдеме вистинската траса што води кон одржлив урбанистички развој, најмалку што мораме да сториме е барем да ги следиме препораките и насоките на кои постојано ни укажуваат светскиот експерти собрани во УНЕСКО чија единствена задача е да водат грижа за културни и природни богатства какви што се Охрид и Охридското Езеро.
Александар Бачиќ – MИА
