Да се отвори музеј посветен на Дичо Зоограф и неговото дело, предлага историчарот на уметност Сашо Цветкоски.
На актуелната изложба на икони на Дичо Зограф во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите, отворена по повод 200-годишнината од неговото раѓање, презентиран е фасцинантен избор од неговото творештво, кое говори многу за овој македонски најпознат и најдаровит зограф на 19 век, пренесува Нова Македонија.

Како го толкувате големото внимание што го предизвикуваат неговите дела во научните кругови во земјава и во странство?
– Научниот интерес кон делото на Дичо Зограф во балканската историографија се следи уште од времето меѓу двете светски војни. Во тој период доаѓа до првите откритија на негови икони, записи и ктиторски натписи во црквите од малореканскиот крај, иконите од црквата „Св. Богородица“ во Скопје и соборната црква во Врање. Процесот на евидентирање и регистрирање на иконите во Македонија во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век овозможи да се согледаат обемот и распространетоста на неговите дела, а кон посериозно истражување на неговото дело се пристапи последните дваесетина години. Истовремено се следеа и откритијата на негови дела и во соседните земји, особено во Бугарија и во Србија. Последните десетина години истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ, низ своите теренски истражувања го прошири кругот на истражувањето, а негови дела, икони, откривме на Косово, во Грција, во неколку цркви во околината на Солун, и во Албанија, во црквите во Елбасан. На овој начин се воспостави прецизна и целосна топографија на откриените и идентификувани икони. Се покажа дека неговиот опус е фасцинантен, со зачудувачка продуктивност, а просторите до каде што стигнале неговите дела ги надминуваат границите на денешна Македонија и се протегаат речиси низ целиот Балкан. Од Дебар, Охрид, Скопје, Сандански преку Солун, Врање, Вучитрн и Бањска на Косово, па до Видин, Кула и Лом и Дунав на север. Но, сепак, најголемиот интерес и најголемите резултати во проучувањето на неговото дело и неговиот исклучителен опус се постигнати кај нас во Македонија.
Во каква состојба се денес иконите на Дичо Зограф во Македонија, но и во Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција, каде што тој работел со својата тајфа?
– Неговиот фасцинантен опус од приближно 2.000 икони и неколку поголеми фрескоансамбли укажува на едно обемно дело што ние се трудиме, преку нашите истражувања, колку што можеме повеќе да го осознаеме, а во голема мера и успеавме. Од непосредните теренски истражувања, како и увидите што ги имаме во галериските простори и депоа на институциите, како и публикуваниот материјал на колегите од соседните земји, се стекнува впечаток дека голем дел од неговите икони е стасан за превентивна конзервација, а некои и за посериозни конзервациски зафати. Многу мал број негови икони досега конзерваторски се третирани, како и неговите фрескоансамбли, меѓу кои има некои што се во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања и на кои им треба неопходна санација. Меѓу тие го издвојувам фрескоживописот на црквата „Св. Ахил“ во с. Требиште, Дебарско, како и неговиот живопис во олтарниот простор во црквата „Св. Богородица Пречиста“. Јас сум особено задоволен од тоа што изложбата во МАНУ побуди голем интерес и меѓу професионалците, историчарите на уметноста, конзерваторите што имаа можност непосредно да ги видат иконите и да ги видат сите деструктивни процеси што се во тек (црвојадина, потклобочување, напукнување и опаѓање на одредени делови). На нив, како и на многу други икони на Дичо Зограф врз кои сме направиле истражување и увид, ги има истите овие деструктивни процеси и тие се во фаза на еден неопходен конзервативен третман. Но значењето на неговото дело заслужува да биде под постојан конзерваторски надзор, како еден долгоречен проект на нашата конзерваторска служба. Дичо Зограф и неговото дело заслужуваат постојана музејска поставка, дури и музеј каде што ќе бидат изложени заедно со други дела на наши македонски зографи од времето на преродбата и 19 век.
Каде сега се наоѓаат неговите ерминии, зографските прирачници, и дали се планира тие да бидат и соодветно презентирани?
– Дичо Зограф, освен големиот број дела што ги има оставено зад себе, успеал да состави и две ерминии, два зографски прирачника, кои ги користеле и неговите синови Аврам и Спиридон, но и помладите следбеници и ученици од потесниот круг на ученици и соработници (зографите Јосиф и Јаков од Лазарополе и Серафим Зограф). И двете ерминии денес се наоѓаат во Софија, постарата во центарот за словено-византиски проучувања „проф. Иван Дујчев“ во Софија, а втората во Музејот на градот Софија. Досега е објавена само постарата ерминија, и тоа само во превод на современ бугарски јазик, додека втората е потполно непозната и непроучена. За оваа голема годишнина, во рамките на проектот „200 г. Дичо Зограф“, МАНУ ги доби авторските права за објавување на постарата ерминија, која до крајот на годината ќе биде и отпечатена. Тоа е важно издание, кое всушност ќе биде фототипно, со објавување на оригиналниот ракопис на ерминијата, проследена со дескрипција, превод и коментари.
Целото интервју ТУКА
