Средното училиште „Нико Нестор“ доби нова спортска сала.
Вчера Високи функционери на ДУИ во Владата на Република Македонија, вицепремиери, министри, заменици министри, државен секретар, пратеници, заедно со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко ја отворија новата сала во ова училиште, го посетија новото Основно училиште „Браќа Миладиновци“, а извршија увид и во работите за реконструкција на затворениот базен во овој град.

– Направени се многу проекти како што се реновирање на патишта, канализација, водоснабдување, бројни проекти со кои се потврдува успешната соработка на Владата со Општината и оваа соработка создава свои плодови во однос на градење на капацитетите, со цел да се зголеми животниот стандард на граѓаните, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој беше дел од делегацијата на ДУИ.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека оваа инвестиција изнесува 24 милиони денари.
– Станува збор за сали што ги градиме низ целата земја, во основните и средните училишта со намера да ги подобриме условите во инфраструктурата и образованието. Денес промовираме инвестиција од 24 милиони денари и се работи за изградба на нова спортска сала која ги исполнува сите услови, сите стандарди за да имаме модерна сала, рече Адеми.
За време на престојот во Струга, делегација на ДУИ ги посетија и разговараа со жителите на населбите Подгорца, Лабуништа, Велешта, Дологожде и Ладоришта.
