ФОТО: Охридската гимназија се градела 20 години

Зградата на охридската гимназија во фаза на изградба. Оваа фотографија ја објави Милчо Горгиески во групата „Охрид слики од минатото“. 

 

-„Нејзината градба ја започнал во 1908 година Ејуп Сабри-беј, турски офицер (капетан, а подоцна и мајор) од Охрид и учесник во младотурската револуција. Се градело до 1910 година кога градењето било запрено заради тогашните општествено-политички случувања, но и заради недостаток на градежни материјали и техника и, пред сѐ, материјални средства.Зградата извесен период стоела како карабина, а подоцна, етапно, согласно материјалните можности, продолжила да се гради за конечно да биде завршена во 1927 година“, пишува Горгиески. 

Историчарот д-р Павле Митрески кој долги години истражувал и прибирал податоци за овој препознатлив белег на Охрид и кој ја напишал монографијата за Гимназијата, вели дека е реткост Турчин да гради вакво здание.

-Таткото на Ејуп Сабри беј, стекнал имот во охридското село Елшани кој бил доста голем и решил чифлигот да го продаде на селани и од тие пари да се гради. Сабри беј мислел да изгради гимназија за образување на турските офицери. Тука има влијание и Нијази Беј од Ресен бидејќи тие двајца офицери биле добри пријатели, другари и соработници и по револуционерно движење.Успева имотот да го продаде за 5 600 турски лири. Тоа е злато, тоа се големи пари. Со тие пари доаѓа кај општинското раководство во Охрид и го бара местото каде што е Гимназијата сега, кое тогаш било блато во кое се капеле биволи и кое тешко можело да се премине. Тука течела вода која се движела кон Каналот Студенчишта. Тој го добива ова место и почнува да бара стручни луѓе за да може да гради, раскажува д-р Митрески.

Парите дошле при крај. Тогаш се води младотурската револуција во која учествува и тој, се водат други војни, како Балканските кои оставаат последици врз народот, па така и врз семејството на Сабри беј кое вложува големи пари за турската војска.

-Војните си го направија своето. Гимназијата извесен период постои како карабина. Нема средства да се догради. Доградбата, внатрешното и надворешното уредување на Гимназијата одат етапно, согласно парите што се добивале по 1918 година бидејќи Вардарска Македонија и Охрид потпаѓаат под српска власт и Србите ја преземаат иницијативата да се догради оваа зграда. Целосно, ваква каква што ја гледаме, Гимназијата е доградена во 1927 година. Во меѓувреме, внатрешно се поправале некои соби за користење, појаснува историчарот Павле Митрески.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани