На обвинувањата на жителите на Лабуништа одговорија од битолската млекара „Бимилк“.
-„Во врска со одредени информации на социјалните медиуми би сакале да ја информираме јавноста дека Битолска млекара има континуирана испорака на своите производи до сите продажни места. Настанатите пропусти во доставата се должат на одлука на нашите подизведувачи што не е насока дадена од нас како компанија и се однесуваат само на 2 продажни места. Со оглед на тоа дека на терен се случуваат вакви ситуации, ние како компанија ќе обезбедиме директна достава во места каде подизведувачите не доставуваат производи. Во текот на вчерашниот ден и денеска стапивме во контакт со сите наши клиенти каде не пристигнале нашите производи со цел да направиме директна достава.
Ги повикуваме сите потрошувачи и наши ценети купувачи кои ќе се соочат со проблем со дистрибуција на нашите производи да го контактираат нашиот Центар за информации за потрошувачите: +389 2 3130 500“, велат од Битолската млекара „Бимилк“.
Битолска млекара во своето речиси седум децениско постоење секогаш била тука за своите потрошувачи секакви ситуации.
-„Како компанија помагаме кога помош најмногу треба и нема да дозволиме поради неодговорно однесување на надворешни соработници да се направи штета на сметка на граѓаните.
Во текот на вчерашниот ден доставивме донација од 3 илјади литри млеко на кризниот регион во Дебар и Центар Жупа со помош на Црвениот крст. Важно е во овој момент да покажеме солидарност со регионот што е најмногу погоден од ширење на вирусот КОВИД 19.
Во услови на зголемена побарувачка на производите и неопходноста од брза реакција како компанија одговорно ги следиме случувањата и реагираме веднаш. Би сакале да потенцираме дека имаме доволно производи и дека нема потреба од создавање залихи. Производите ќе бидат на сите продажни места каде досега биле и ќе бидат редовно доставувани“, пишуваат од „Бимилк“.
