Поранешниот директор на Агенцијата за туризам Александар Донев минатата недела бил нападнат од граѓани кои крај Охридското Езерото носеле дрвја и гранки и ги палеле, при што се запалиле и околните дрвја. Донев, кој сега е претседател на организација за поддршка и промоција на одржлив туризам и одговорни активности во природа „Мастсидонија“ (Mustseedonia), за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека инцидентот се случил пред неговите мали деца и сопругата и да не биле тие и пријателите сериозно ќе настрадал.

На плажата кај хотелот „Десарат“, Донев забележал како чади цела околина од запалени дрвја и зеленило. Веднаш прашал кој и зошто го направил ова, претставувајќи се дека е експерт за туризам, кој ја претставува земјава во светот.
„Им кажав дека не смееме да ја уништуваме природа на едно од најубавите места во светот и дека ќе го пријавам случајот. Ми одговорија ‘еми, шо да им прајме’ и додека да разберам кој, што, како, еден постар човек ме нападна и фрлаше по мене со огромни камења. Сакав да снимам и тргнаа сите да ме тепаат. Искрено, да не беше тука жена ми со децата и пријателите и еден помлад дечко што ме извлече, сериозно ќе настрадав“, кажува Донев.
фото СДК
