Формирана новата влада, Заев премиер

Зоран Заев ја презеде функцијата претседател на Владата: Досегашната Влада успешно работеше, продолжуваме со соработката на меѓународен план и мерките за подобрување на економијата

Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата официјално ја презеде функцијата од досегашниот технички премиер Оливер Спасовски.

Претседателот на Владата Зоран Заев заблагодарувајќи се на досегашниот премиер Оливер Спасовски и на членовите на преодната Влада за успешната работа во изминатите девет месеци, истакна дека оваа Влада храбро и успешно се справи со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

Во такви сложени услови, успешно беа организирани и спроведени фер и демократски избори и избрана новата Влада.

Заев подвлече дека државата продолжи со реформските процеси и следствено на тоа сега е горда членка на НАТО Алијансата и ја остварува зацртаната ЕУ перспектива по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија.

Посакувајќи му успешна работа на функцијата министер за внатрешни работи, премиерот Заев на Спасовски му посака плодна соработка и продолжување на совладување на предизвиците во ресорот, како и активно учество во работата на Владата во донесување на политики од интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија.


-Со изборот на Владата го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот. Институции кои ќе застанат на чело на новата одбрана, институции кои сите нас ќе не водат во почитување на мерките и во заштита од невидливиот непријател КОВИД-19. Имаме Влада со институции кои ќе го држат здравствениот систем исправен пред есенскиот налет на вирусот.

Уште во првите месеци од мандатот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна, независна правна држава. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните.

Процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено. Владата, институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја.

Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински.

Затоа, почитувани граѓани, во време кога започнува најинтензивната македонска европеизација, приклучете се, рече Заев.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани