Традиции и култура на Македонците, во Охрид и Охридско

Охрид преставува вечен континуитет и важејќи за еден од најстарите градови на балканот па и во Европа, не може да се одржи без вечната рамнотежа помеѓу животот и смртта.

Токму тие два процеса кај месното население се најважни, најзначајни и во целост проследени со одредени обичаи. Многу често,тие обичаи при раѓањето на личноста или при смртта се проследени и со одредени елементи кои не содејсвуваат со верските правила и канони на било која вера, но, сепак останале да тлеат на охридското поднебје. Токму поради тоа, црквата направила заложби за одделни обичаи кои се проследуваат, а не соодејствуваат со црковните обреди, да се направат акти кои ќе мора да се спроведуваат.

Кон крајот на 19 ти век, Охридската митрополија донела правилник за самиот чин на раѓање на новороденчето. Дури и во револуционерниот период од 1893 година и самата Внатрешномакедонска револуционерна организација била против огромно трошење средства, при прослави за новороденче или свадби. Така, согласно нивните внатрешни протоколи, тие не само што им забранувале на граѓаните д да се облекуваат раскошно и да трошат пари, туку им наметнувале и една скромност при целата прослава или обичај.
Најважната и најголемата радост, е појавата на нов живот. Па, така , Охриѓани токму за оваа прилика си имале свој обичај кој најчесто бил проследен на следниов начин:
Раѓање и Крштевање на Новороденче во Охрид:

 

Што стигне радосната вест за новороденче, во Охридскиот крај прво мажот т. е сопругот, одел кај мајката на својата невеста (баба). Од друга страна, пак, мајката на мажот пуштала абер т.е деца до кумата. По пристигнувањето на децата кај кумата со радосната вест за новороденчето, кумата определувала едно дете. Тоа најчесто тоа било највозрасното на кое му го кажувала името на новороденото дете. Меѓутоа, таа информација детето ја чувало во тајност и ја споделувало само со свекрвата, односно жената која го испратила кај кумата.

 

За малата молитва, самата свекрва одела в црква и шишето од водата од малата молитва стоело до мајката. .Само со таа вода бебето и леунката се плакнеле кога имало потреба, но и при посетата на некој близок.
Третата вечер од раѓањето на новороденчето и тоа како имала големо значење, затоа што тоа било било вечерта кога се собирале сите блиски роднини и пријатели и сите носеле готови јадења и одредени скромни подароци.

Главното јадење го давала мајката на родилката а обично во Охридскиот крај тоа било печено јагне со вино и ракија. Но, она што било значајно е дека од сите јадења прво морало да касне родилката за самото новороденче да биде здраво. Исто така, било важно за време на вечерата бебето да се покаже на сите и да се пренесува од рака на рака, каде што и најчесто при тој обред се дарувало од присутните. По одреден временски период, следувало крштевањето.
Како животен циклус на почеток и крај на овоземскиот свет, покрај раѓањето е и смртта. И тој чин во Охрид се одбележувал на специфичен начин, кој можеби се разликувал од верските правила и прописим во даден временски период.
Во градот, доколку смртта била предизвикана од болест најчесто прво болниот барал исповед и, вообичаено, тоа се правело пред свештено лице кое го исповедувало и причестувала. Она што било значајно е дека токму исповедта можела да направи поделба, односно болниот да оздрави или да почине после неколку дена.
Најчесто, се велело дека смртта мора да се прифати мирно и спокојно без многу врева и плач, затоа што се верувало дека вревата може да го поврати покојниот во уште поголеми болки и мачења.Најстариот член од фамилијата или пријател, го капел починатото лице и се облекува во ново или омилената облека на покојниот. Во Охрид и охридско, тој што го миел починатиот најчесто бил даруван со одреден дар во вид на кошула или сл. Потоа, се известувала црквата на чие подрачје се наоѓа домот на починатиот , а тажната вест се објавувала биење на камбаната, кое требало да биде бавно, симболизирајќи плач и тагување. Починатиот првата ноќ се чувал дома, а во устата му се ставала метална пара со верување за исплата на долговите што не ги знаат неговите домашни.
Меѓу другото, како дел од обичаите, роднините и пријателите доаѓале во домот на покојниот да запалат свеќа и како поздрав за него или нивни ближни порано починати да им дадат некои подароци, како цигари, кошули, цвеќе локум и др.
Но тоа што му се става на починатото лице, не се положува во гробот, туку останува за почестување на денот на погребот, со што всушност се даваа порака дека дарот се пренесува духовно. Во Охрид, во одреден период имало и плачарки жени кои доаѓале да го исплачат покојникот, на кој му пееле тажни песни. Исто така, во одреден временски период, пред се во револуционерниот кој се појавува крајот на 19ти и почетокот на 20 ти век, имало обичај за фотографирање со покојникот како последен вечен спомен.
По погребот, луѓето се врќале на кафе во домот на покојникот. Го пиеле кафето во негов чест и спомен и заминувале, додека на ручек останувале само најблиските.
Ваквиот начин на чествување на најзначајните моменти односно најрадосниот и најтажниот момент на животот кај Охриѓани, не бил секогаш по инерција. Многу често формата на одбележувањето била различна и се менувала во зависност од општествено политичките прилики, но црквата секогаш успевала сето тоа да го канонизира и да го доведе во ред, согласно црковните односно христјанските верувања.

 

Текстот го подготви
М-р Никола Митровиќ,
В. Д директор на државниот архив на
Република Северна Македонија, одделение Охрид, за потребите на проектот “Низ една призма – сите сме исти”, кој го спроведува Здружението за мултикултурна интеграција Инклузија од Охрид, финансиран од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани