Комисијата за заразни болести предложи попуштање на рестриктивните мерки по намалувањето на бројот на нови случаи со ковид-19, односно намалениот број на активни случаи, но маските ќе останат задолжителни во затворен простор и таму каде на отворено не е можно растојание меѓу луѓето.
На потег ќе биде Главниот координативен кризен штаб, а потоа Владата која на седница ќе одлучува за предлогот. Се предлага од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Дигиталниот „зелен пасош“ иако требаше да биде готов на почетокот на неделава, сѐ уште не е достапен за имунизираните граѓани.
На сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца маските остануваат задолжителни. Комисијата предлага да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.
Комисијата предложи спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот, да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила, а полицискиот час останува во сила.
Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.
„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките така како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, соопшти Министертството за здравство.
