Во организација на Фото сојузот на Македонија, синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“во Охрид свечено беше отворена 59-та Државна изложба на фотографии „ Денови на македонската фотографија Охрид 2021“.
Од пристигнатите над 400 фотографии од 70- тина автори беа избрани најдобрите 131 фотографија, доделени беа награди во повеќе категории а главната награда „Благоја Дрнков“ ја доби Ана Андонова за фотографијата „Три“.

Според претседателот Кирил Штрков „Фото сојузот на Македонија“ којшто годинава слави 75 годишно постоење како неодминлив дел на македонската култура и историја е последната брана на печатената фотографија пред напливот на дигиталните изложби. Смената на генерации, според него, придонесува да не се прифаќа ваквиот начин на преставување на фотографијата.
„Ова е изложба на печатена фотографија. Самите автори ги печатат фотографиите. Ние како Фото сојуз ја поттикнуваме таа дејност бидејќи сметаме дека фотографијата е готова кога е испечатена, само тогаш тој авторски печат останува трајно. Имаме материјализирано креативно дело кое авторот до крај го изработува“, вели Штрков.

Според градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески изложените фотографии стануваат нераскинлив дел од културно – историските вредности на нашава земја.
“Без постоење на фотографијата како уметничка форма всушност не би можеле да ги разбереме универзалните цивилизациски вредности коишто со векови се напластувани во долгиот цивилизациски oд на народите. Почестени сме да бидеме домаќини на оваа изложба, којашто се надевам дека во наредниве 10 дена ќе претставува интригантен културен настан за пошироката јавност. Секако, јас се надевам дека древнините на нашиот убав Охрид во кој се чувствува милениумскиот спокој како многупати така и сега ќе бидат овековечени од нашите драги фотографи“, истакна Георгиески.
