Позитивни вибрации на полето на туризмот.
Од јуни се очекува да започне авио линијата Варшава Охрид и Варшава Скопје. Ќе се воспостави авио линија и Букурешт Скопје. Од втора половина на јуни со гости ќе доаѓаат и тур операторите ТУИ и Корендон. А Украинците веќе стартуваа со кружни дводневни тури низ земјава, ги посетуваат Охрид и Скопје.
–„2020та година е година кога се трудевме што подобро да ја сервисираме кризата , 2021 ќе биде година каде што со искуствата целиот туристички сектор ќе се фокусираме најмногу регионално, бидејки Македонија овозможи зелени коридори со одредени земји во регионот. Во кој што немаме потреба од ПЦР тестови , а се надеваме во многу брзо време одредени рестриктивни мерки од европските земји ќе паднат“, вели Љупчо Јанески директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Со намалувањето на рестрикциите и организирањето на свадби и прослави во рестораните се очекува годинава да допатува и македонската дијаспора.
– „Исто така ќе значи дека голем дел од нашата дијаспора кога ќе видат дека лета ТУИ ке се одлучат да дојдат и да потрошат време овде. Очекуваме и Полјаци да дојдат. Со оглед на состојбата како полека се смирува ситуацијата мислам дека ќе имаме една добра солидна сезона“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Позитивно е што најавени се и голем број туристи од Србија и Црна Гора кои, од втората половина на јуни со петдневни аранжмани ќе летуваат на брегот на Охридското езеро.
Новинар Соња Рилковска
