Соголувањето на шумите во атарот на струшките села Лабуништа, Боровец и Подгорци трае со години. Концесионерите, но и дивосечачи од околните села и од соседна Албанија потојано вршат нелегална сеча.
Активистите од Здружението за екологија „Натура лаб“ обвинуваат за негрижа и масакр на буковата шума. Загрижени, велат се прави голосек кој ќе предизвика поплави и свлечишта, а надлежните не преземаат ништо.
Најголемата закана е загадување на изворите кај Горна Белица, поради што дваесетина илјади жители од околината ќе останат без вода.
–„ Немаме против разредување на шумата од страна на концесионерот, но не загрижува нерегуларната сеча која прави непоправливи штети врз животната средина. Ова е опустошување на шумите. Бараме увид, бидејќи ударно ни е водата, надлежните да утврдат дали има простор за сечење во близина на изворите , ние како екологисти сметаме дека голема е опасноста народот да остани и без дрва и без вода“, вели Алим Салоски претседател на „Натуралаб“ од Лабуништа.
Лабуништани бараат инспекторатот за шумарство и шумската полиција да направат увид и засилени контроли на терен, за да се спречи масакарот на шумите на Јабланица.
–„Да дојдат од Скопје надлежните, бидејќи овие инспектори во струшко не преземаат ништо. Да видат на терен дали е тоа регуларна сеча, ние како што гледаме тоа е масакр. Токму кај што треба да носиме вода за во новиот басен тука се сечи, замислете пробивање на нови патишта на 2000 метри надморска височина, шумата е опустошена тоа е катастрофа“ , вели Едис Мемишоски активист од Здружението „Натуралаб“.
Доколку продолжи нерегуларната сеча на шумите, а надлежните не преземат мерки за спречување лабуништани се заканија со нови протести и блокади. Изминативе неколку години активистите од струшко во повеќе наврати организираа масовни протести.
Новинар Соња Рилковска
