Се размислува за рестрикции за невакцинираните

Откако неколку дена по ред состојбата со Ковид-19 беше стабилна, вчера беа регистрирани 74 нови случаи.

Сепак, надлежните уверуваат дека нема голем број на пациенти во болниците, а рестрикции се размислува да се воведат само за невакцинираните. Повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Нема простор за паника, увери вчера министерот за здравство, Венко Филипче. Тој посочи дека се размислува за рестрикции во есенските месеци, заради тоа што луѓето повеќе ќе бидат во затворени простории, а ќе се вратат и од годишните одмори.
Постои можност да се оди по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, поточно, да се бара задолжителна потврда за вакцинација.

-Овие мерки ќе важат за тие кои не се вакцинирани. Има мерки кои веројатно ќе продолжат да важат и понатаму, тоа се маските во затворен простор. Точно е дека можат да се заразат и луѓе кои се вакцинирани, меѓутоа вакцината штити од тешка форма на болеста и сериозно го намалува ризикот од смртен исход и тоа е суштината. Многу веројатно е дека ќе дојде и некоја следна мутација, а тоа не значи дека ние ќе живееме и треба да живееме со рестрикции, рече Филипче.

Рестриктивните мерки во однос на барање тестови на граници, според министерот, не треба да се воведат.

Во меѓувреме, според надлежните, вакцинацијата во државата се одвива добро. Вакциналните пунктови во здравствените домови функционираат, и продолжува системот на ротација со теренската вакцинација.

Акцент е ставен на вакцинирање во секторот образование и здравство. Во здравство, близу 80 проценти од здравствените работници се веќе вакцинирани.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани