Клековски: Болниците „Св. Стефан“ и „Св. Еразмо“ се столб на здравствената заштита во регионот

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, при неодамнешната посета на Охрид ги посети Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.

Тој истакна дека станува збор за здравствени установи кои функционираат на високо стручно и професионално ниво, иако работат во предизвикувачки услови.

„Зошто ги нарекувам ‘Пепелашки’? Затоа што високо стручно и професионално ниво функционира во многу предизвикувачки услови“, посочи Клековски.

Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“, основана во 1982 година, денес е еден од најважните кардиолошки центри во јавното здравство во Македонија, веднаш по Клиниката за кардиологија во Скопје според бројот на интервенции.

Во оваа здравствена установа се нуди цел спектар на специјалистичка кардиолошка дијагностика, интервентна кардиологија на срце и периферна циркулација, имплантација на пејсмејкери, венски интервентни процедури, како и медицинска рехабилитација.

Болницата ги опслужува пациентите од целиот Југозападен регион – од Ресен до Дебар.

„Стариот објект потекнува од синдикално одмаралиште и не одговара на модерните болнички стандарди, а опремата е ограничена – на пример има само еден ангиограф. Сепак, благодарение на посветениот персонал се постигнуваат одлични резултати“, нагласи Клековски.

Тој посочи дека во последните години се направени позитивни чекори, меѓу кои набавка на нова опрема, подобрување на енергетската ефикасност и реконструкција на делови од објектот.

Ова е одличен пример како со стручност и посветеност може да се постигнат големи резултати и во ограничени услови“, рече Клековски, упатувајќи благодарност до раководството, лекарите, медицинските сестри и целиот персонал.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани