На Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница Охрид се роди 120-тото бебе, а радоста и среќата во изминатиот период ја споделиле исто толку семејства.
Од одделението велат дека секое новороденче е посебна приказна и доверба која родителите им ја укажуваат на медицинските тимови.
„На одделението за Гинекологија и акушерство – Охрид, ведрината и среќата ни ја споделија 120 семејства. Горди сме што сме дел од вашата приказна и продолжуваме да ја градиме довербата. Впрочем, за тоа и сме тука – за вас“, изјави д-р Мимоза Влаши, раководител на одделението.
Во болницата истакнуваат дека паралелно се работи и на подобрување на медицинските услуги и воведување нови процедури.
„Зголемен е обемот на гинеколошки интервенции, вклучувајќи ги и хистероскопските интервенции, кои неодамна за првпат ги воведовме во регионот“, посочи д-р Влаши.
Таа најави и нови чекори во модернизацијата на одделението.
„Следниот чекор ни е воведување лапароскопски операции, како и унапредување на квалитетот на породувањето со епидурална и спинална анестезија. Современите пристапи и новите третмани веќе даваат конкретни и позитивни резултати“, додава д-р Влаши.
Од охридската болница потенцираат дека со воведувањето на нови методи и современи пристапи се подобрува квалитетот на здравствената грижа за идните мајки и новороденчињата.
