Општина Дебрца започна со асфалтирање на пристапниот пат до манастирот „Сите Свети“ во селото Лешани, во пресрет на големата манастирска слава што ќе се одбележи на 7 јуни. Станува збор за нова асфалтна траса во должина од 350 метри, за чија реализација се издвоени 2,4 милиони денари од годишниот општински план за асфалтирање.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, истакна дека проектот има за цел да обезбеди подобар и побезбеден пристап до верскиот објект за сите посетители и верници.
„На само неколку дена пред 7 јуни и големата слава на манастирот „Сите Свети“, започнавме со асфалтирање на патот кој води до ова наше духовно светилиште“, нагласи Сиљаноски.
Тој посочи дека ова е дел од пошироката инфраструктурна програма на општината и најави дека во текот на годинава ќе бидат реализирани уште пет пристапни патишта до верски објекти низ Дебрца.
„Ќе се гради насекаде, ќе се работи во секое населено место и сето она што ви го ветив, секојдневно ќе станува реалност“, порача градоначалникот.
Градежните работи ги изведува АД „Илинден“ од Струга.


