Во манастирот во селото Лешани денеска свечено беше одбележан големиот православен празник Сите Светии, меѓу народот попознат како Сисвети. Голем број верници од Охридско, Дебрца и од други краеви на земјата присуствуваа на празничната богослужба и учествуваа во духовната прослава.
Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георги, во сослужение на повеќе свештеници од епархијата. Верниците се помолија за здравје, мир и благосостојба, а манастирскиот комплекс беше исполнет со празнична и духовна атмосфера.
Празникот Сите Светии се празнува во првата недела по Духовден и е посветен на сите светци кои со својот живот и вера го посведочиле Христовото учење. Црквата го востановила овој ден за заедничко чествување на сите светии, познати и непознати, чии имиња не се зачувани или чиј култ не се проширил меѓу народот.
Со овој празник им се оддава почит на сите оние кои верувале во Исус Христос и за својата вера поднеле страдања и жртви. Верниците велат дека токму затоа Сисвети е еден од најпочитуваните празници во овој крај, а традицијата секоја година во Лешани собира голем број посетители и поклоници.
Од манастирот беше упатена порака за љубов, меѓусебна почит и духовно единство, вредности кои празникот Сите Светии ги носи низ вековите.






