Охриѓнецот Петар Поповски член на Кралската академија на науките и книжевноста во Данска

Научникот Петар Поповски од Охрид, стана член на Кралската академија на науките и книжевноста во Данска, едно од најпрестижните научни друштва во Европа.

Поповски, кој е редовен професор на Одделот за електронски системи при Универзитетот во Олборг, ја сподели веста преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека за него претставува особена чест да биде дел од институција чиј поранешен претседател бил легендарниот Нилс Бор.

– Привилегиран сум што станав член на академијата каде што поранешен претседател бил еден од моите херои, Нилс Бор. Им благодарам на научниците кои ја поддржаа мојата номинација и со нетрпение очекувам да придонесам за активностите на Академијата преку призмата на теоријата на комуникацијата и технологијата – истакна Поповски.

Роден во Охрид во 1973 година, Поповски дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, а докторирал на Универзитетот во Олборг на тема безжични комуникации. Во текот на својата академска кариера напредувал од постдокторски истражувач до визитинг професор и редовен професор.

Тој е визитинг професор и во Германија, главен уредник на водечки научен журнал во областа на комуникациите, како и активен учесник во меѓународни истражувачки тела и индустриски проекти поврзани со 6Г технологии и сателитски системи.

Автор е на повеќе од 300 научни трудови и над 30 патенти, а неговото име се наоѓа и на листата на Стенфорд за највлијателни научници во светот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани