Со свечен настан и отворање на изложбата „Македонски автори од Збирката на современа уметност“, викендов во Охрид беше одбележан големиот јубилеј – 75 години од основањето на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Јубилејот беше можност да се одбележи долгогодишната работа на институцијата, која повеќе од седум децении претставува еден од најзначајните чувари на културното и историското наследство на Охрид и Македонија.
Во рамки на одбележувањето беше отворена изложбата „Македонски автори од Збирката на современа уметност“, која претставува пресек на творештвото на значајни македонски уметници и овозможува увид во развојот на македонската уметност во дваесеттиот век.
Од установата истакнаа дека јубилејот е и повод да се потсети на бројните реализирани проекти во изминатите 75 години, меѓу кои конзерваторско-реставраторски зафати, археолошки истражувања, музејски поставки, научни проекти и активности насочени кон заштита, презентација и афирмација на културното наследство.
На свеченоста беше изразена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, стручни соработници и партнери кои со својата посветеност придонеле за развојот на институцијата и за зачувувањето на богатото културно наследство на Охридскиот регион.
Јубилејната изложба и придружниот каталог претставуваат сведоштво за досегашните достигнувања, но и поттик за продолжување на мисијата за заштита, истражување и достоинствено претставување на културното наследство за идните генерации.









