Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска ја посетија Општина Дебрца, каде заедно со градоначалникот Златко Сиљаноски извршија увид во тековните инфраструктурни проекти.
При посетата беа разгледани градежните активности за реконструкција на локалниот пат Мешеишта – Волино, како и реконструкцијата на улицата во селото Волино, на делницата кон манастирот „Света Петка“.
Градоначалникот Сиљаноски се заблагодари за посетата и поддршката од Владата, истакнувајќи дека реализираните проекти се резултат на заедничка работа на локалната самоуправа, Советот на Општина Дебрца, општинската администрација, пратениците од регионот и Министерството за транспорт.
Според него, со завршувањето на овие инфраструктурни зафати ќе се подобри квалитетот на живот на жителите на Дебрца и ќе се создадат подобри услови за локален развој.

